Фото: Маја Јаневска-Илиева

Економските аналитичари сѐ почесто споменуваат различни алатки и механизми за динамизирање на економскиот раст. Од мноштвото механизми и предлог-мерки, интересен е оној што се однесува на заштита на стратегиските домашни производи. Ако на глобално ниво се бараат решенија за големите социјални разлики внатре во богатите земји, тогаш несомнено се потребни и одредени механизми за компензација, односно мерки со кои помалите земји ќе ги заштитат своите стратегиски производи и ќе спречат згаснување на цели производствени гранки, одлив на населението и уште поголемо пасивизирање на руралните области

Во услови на незначителен или низок економски раст, сѐ понагласено мигрирање на населението надвор од Македонија и намалено земјоделско производство, неодминливо се наметнува прашањето дали треба да се побараат нови, поинакви економски политики, или уште повеќе, да се направат радикални промени за поддршка на домашното реално стопанство што потоа ќе се рефлектира и позитивно ќе се одрази врз националната економија. Имено, економските аналитичари сѐ почесто споменуваат различни алатки и механизми за динамизирање на економскиот раст. Од мноштвото механизми и предлог-мерки, интересен е оној што се однесува на заштита на стратегиските домашни производи. Ако на глобално ниво се бараат решенија за големите социјални разлики внатре во богатите земји, тогаш несомнено се потребни и одредени механизми за компензација, односно мерки со кои помалите земји ќе ги заштитат своите стратегиски производи и ќе спречат згаснување на цели производни гранки, одлив на населението и уште поголемо пасивизирање на руралните области. Се разбира, клучната цел на ваквите политики би била да се заштитат сопственото производство и сопственото население. Како што нагласуваат економските аналитичари, овие мерки впрочем ги практикуваат редица држави во светот со единствена цел да ги заштитат домашните компании во одреден сегмент.
Домашните компании се стожерот на македонската економија, па макар и 10 отсто од домашните стратегиски производи да се заштитат со одредени мерки, кои во крајна линија се валоризираат онака како и што очекуваат граѓаните од својата економија, а имено ќе го зголемат животниот стандард на населението.

Примерот од САД, за забраната на кинеската компанија „Хуавеј“ да води бизниси во земјата, бидејќи може да го доведе до банкрот американскиот телеком-оператор, кој поголем дел од неговата опрема за безжични мрежи ја обезбедува токму од „Хуавеј“, е еден од начините да се заштитат националните бизниси и да не дојде до нивно загрозување. Прашањето е како Македонија да се справи со овој проблем со кој се соочува со години.

Претседателот на Организација на работодавци, Ангел Димитров, вели дека освен заштитата на трговската марка и заштитата на потеклото на производот, за опстанок на некои стратегиски производи, би требало со економската политика на земјата да се води посебна сметка.

– Оваа политика би подразбирала разни субвенции за настап на странските пазари, промоција и финансиска помош во случај на поголеми нарушувања на пазарот. Мерките би се разликувале во зависност од видот на производот и неговите карактеристики што го прават стратегиски. На пример, Владата на Германија, на чело со канцеларката Ангела Меркел, во текот на економската криза воведе субвенции за набавка на нов автомобил, за да ја заштити автомобилската индустрија на Германија, која е стратегиска индустрија, која има огромно учество во БДП, извозот и во вработеноста во Германија – објаснува Димитров.

Тој додава дека Македонија досега нема утврдено стратегиски дејности и смета дека сите дејности треба да добијат еднакви можности, а пазарот ќе каже кои дејности ќе се развиваат, а кои ќе пропаднат.

– Се разбира, сите оние дејности што имаат големо учество во создавање на нашиот БДП, во нашиот извоз и во вработувањето треба да се третираат како стратегиски. Владата треба да помага само во случај кога доаѓа до нарушувања на пазарот, нелојална конкуренција однадвор или поголеми нарушувања на берзата. Во нормални околности, самите компании е потребно да размислуваат на својот развој – истакна Димитров.

Според него, сето ова ќе има економска бенефиција, затоа што уништувањето на една индустриска гранка не може прекуноќ да се замени со нова. Гранките што имаат големо учество во извозот и вработувањето треба да се потпомагаат и во случај кога полека ја губат трката со конкуренцијата однадвор, сѐ додека нивното место не го заземат нови индустрии, кои ќе обезбедат раст и развој. Државната интервенција е потребна баш поради овие турбуленции на пазарите за да го одржи нивото на раст на економијата, т.е. да го ублажи евентуалниот пад на економијата.

– Точно е дека малите економии се принудени многу да увезуваат. Македонската економија е многу мала и нормално е огромен број од производите да се увезуваат. Поради економијата на обем, ние не можеме да бидеме конкурентни со големите светски производители за огромен број производи. Затоа е потребно да произведуваме производи и да даваме услуги во оние области каде што имаме предност и да ги користиме домашните капацитети. Ние имаме квалитетна земја, многу сонце и произведуваме многу вкусни земјоделски производи. За жал, поради малите површини и заостанатата технологија, нашата продуктивност е мала и ги прави нашите производи скапи – смета Димитров.

Како што нагласува тој, многу од овие производи наместо да се преработуваат кај нас, се извезуваат како суровини или полупроизводи.

– Градежништвото, металургијата, текстилот и другите индустрии каде што имаме обучени работници и долгогодишна традиција не смееме да ги оставиме на ветромет на светските пазари, затоа што тоа знаење и искуство се пренесувало со години и во случај на нивно згаснување би било многу тешко повторно да се започне со овие дејности. Туризмот е исто така многу рентабилна гранка и потребно е постепено, но сигурно да ја развиваме – појаснува претседателот на ОРМ.

Стопанска комора на Македонија истакнува дека економијата во Македонија не може да преживее на одржлив начин без силна и длабоко преобликувана индустриска база.
– Имајќи ја предвид важноста на индустриската конкурентност, односно нејзиниот придонес врз ефикасноста на целокупната национална конкурентност, Македонија треба итно да ја зајакне основата на својата индустрија за да се овозможи одржлив раст на вкупната економија, создавање повисоки вредности на економските активности и решавање на општествените предизвици со кои се соочува – велат надлежните од СКМ.

Оттаму додаваат дека ако се тргне од тезата дека структурните промени во економијата, процесот на реиндустријализација и извозна диверзификација се фундаментални процеси за генерирање високи и одржливи стапки на економски раст, тогаш брзината и успешноста во спроведувањето на овие процеси во голема мера се детерминирани од претходната индустриска и извозна структура на земјата што де факто ги определува нејзините развојни потенцијали, како и од активната улога на државата гледано низ призмата на ефикасноста и ефективноста на економските и индустриските политики.

– Првиот чекор што треба да се направи е детално проучување на одделните индустриски гранки на ниво на производ и нивната репродукциска поврзаност за идентификување на развојните можности и потенцијали на оние индустриски сектори, кои поседуваат реални економски претпоставки да се развиваат во иднина и оние стратегиски гранки каде што македонската економија, во согласност со постојната структура, може да гради компаративни предности – истакнаа од СКМ.

Сево ова ќе придонесе за подобро дизајнирање на економските и индустриските политики, кои треба да обезбедат системска поддршка за поттикнување на процесот за модерна реиндустријализација преку преструктурирање на економијата и подобрување на извозната конкурентност на земјата.

– Предлог-политиките и мерките, кои можат да придонесат за значително забрзување на динамиката на економски раст, треба да бидат насочени кон обезбедување финансиска поддршка за инвестиции на извозно ориентирани домашни компании. Вториот пакет се однесува на подобрување на кадровските и менаџерските способности на извозно ориентираните домашни компании – истакнуваат од СКМ.
Следно, велат оттаму, е потребно градење инфраструктура за индустријата поради фактот што глобалните трендови се немилосрдни и потребата од што побрзо соочување со тие глобални предизвици е неопходна доколку не сакаме да се продлабочува јазот во технолошкиот развој на земјата.

– Најважниот пакет мерки се однесува на зајакнување на институционалните капацитети на државата и подобрување на бизнис-регулативата, но покрај конкретни системски мерки за развој на истата таа, неопходни се и стабилна политичка средина, која обезбедува цврста основа за економски развој, стабилна законска регулатива, одржување на највисоко ниво на транспарентност, борба против корупцијата преку етички кодекси, помалку бирократија и поедноставна администрација и фер и конкурентни тендери во јавните набавки – сметаат од комората.

Фото: Маја Јаневска-Илиева