Фото: Игор Бансколиев

Најпогодените, текстилните компании алармираат дека работата им е драстично намалена, поради што стравуваат од затворање и отпуштање на работниците поради новото продолжение на затварањата на малопродажните објекти во Германија, како најголем трговски партнер на Македонија, но и во другите земји

Најавите за продолжување, па дури и засилување на рестриктивните мерки во европските земји ги намалуваат и онака слабите шанси за надминување на кризата во која се најдоа голем дел македонски компании. Најпогодените, текстилните компании алармираат дека работата им е драстично намалена, поради што стравуваат од затворање и отпуштање на работниците, но рестриктивните мерки влијаат и врз кожарската и автомобилската индустрија во земјава.
– Новото продолжение на затворањата на малопродажните објекти во Германија катастрофално ќе се одрази врз нашата извозна индустрија, а особено врз текстилната, кожарската и автомобилската индустрија. Огромните резерви на стоки од минатите две сезони не им дозволуваат на нашите коминтенти ниту да помислат на ново производство Таму се прават планови што да направат со резервите за да почне нов производствен циклус. Но за нас е најважно како да преживеат компаниите во овој период, кој очигледно ќе продолжи уште неколку месеци – вели претседателот на Организација на работодавци на Македонија, Ангел Димитров.
Според него, овој период е најважно да се изгласа Законот за финансиска поддршка за исплата на плати, за да се спасат поголем број компании и работни места.
– Во спротивно, многу црно сценарио ги очекува овие компании, но и Владата, која наместо да очекува приливи во буџетот и фондовите, ќе мора да наоѓа средства за исплата на социјална помош и помош за невработените. Колкави ќе бидат последиците по овие сектори, но и по целата наша економија, ќе зависи од тоа до кога ќе траат рестриктивните мерки и дали долгоочекуваната помош ќе пристигне – истакна Димитров
Претставниците на автомобилската индустрија во Македонија исто така посочуваат дека рестриктивните мерки низ европските земји негативно се одразуваат врз побарувачката на автомобили, а со тоа и врз производството и реализацијата на плановите на компаниите што работат во земјава.

– Првите два месеци во Европа имаше намалување на регистрациите на нови автомобили за 23 отсто во споредба со минатата година, што се должеше на рестриктивните мерки и затворањата низ земјите, но и поради стравот од ширењето на вирусот, што ги натера некои од граѓаните набавките да ги одложат за во иднина. Мора да посочам дека на ова намалување влијаеше и недостигот од микрочипови, кои се потребни и во автомобилската индустрија, но и во други индустрии. Во Македонија, кај компаниите од автомобилската индустрија, импактот од случувањата низ Европа во голема мера зависи од нивните крајни клиенти, односно од тоа дали тие клиенти произведуваат електрични или хибридни возила, или пак произведуваат премиум-возила, кои не се толку погодени од кризата, туку, напротив, имаат раст. За разлика од нив, другите типови, како дизел-возилата, имаат намалена побарувачка. Сепак, генерално гледано, нема позитивни тенденции. Дополнително, рестриктивните мерки се пролонгираат и се најавува дека ќе траат и во текот на април. Поради ова не може да се очекува раст на продажбата на возила. Дополнително, рестриктивните мерки ќе се одразат и на другите индустрии, не само врз автомобилската, особено што имунизацијата во Унијата не се одвива со планираното темпо – вели Виктор Мизо, претседател на Асоцијацијата на компании со технолошки напредно производство при Стопанската комора на Македонија.
Мизо појаснува дека во автомобилскиот сектор засега не се стравува од драстично намалување на бројот на вработени, но доколку продолжи надолната линија на продажбата на автомобили во Европа, тогаш може да се очекува оптимизирање на процесот на производството, намалување на трошоците и евентуално откажување или пролонгирање на новите активности како инвестиции во нови погони.
– Иако не станува збор за загуби, сепак, и неможноста за остварувањето на плановите за раст е загуба, бидејќи со нив ќе биле отворени нови работни места, ќе се направеле поголем извоз и поголеми приливи. Сигурно ќе има влијание ова што се случува сега низ Европа, но засега не очекуваме драстичен пад, туку помал раст од планираниот – потенцира Мизо.

Наспроти тоа, од текстилниот сектор посочуваат дека состојбите кај нив се значително влошени и дека стравуваат од отпуштања на работниците или целосно затворање на фабриките.
– Ова е борба за вработените, борба за работни места. Имаме луѓе што кај нас се вработени и над 20 години, не е едноставно на тие луѓе да им се каже да си одат дома. Сите фирми ќе прават сѐ што е во нивна моќ да ги задржат вработените, меѓутоа, по најцрно сценарио, би рекол дека и до 50 отсто од вработените би можеле да ја загубат работата – вели Кирил Нашков, претставник на штипските текстилни компании во Кластерот за текстил.
Тој појасни дека најголем удар од продолжувањето на рестриктивните мерки во Германија ќе има во текстилните градови Штип, Прилеп и Кочани. Напоменува дека зимската колекција стои во магацините, а бизнис-секторот не знае дали ќе имаат нови налози, бидејќи наредните месеци треба да ја шијат новата зимска колекција.