Фото: Игор Бансколиев/Илустрација

Од Агенцијата за храна и ветеринарство препорачуваат граѓаните да внимаваат при приготвувањето храна од животинско потекло, бидејќи коронавирусот може да се пренесе и преку контакт со производи од животинско потекло

Во Македонија нема увоз на храна од Кина, но сепак надлежните препорачуваат граѓаните да внимаваат при приготвување храна од животинско потекло, бидејќи коронавирусот може да се пренесе и преку контакт со производи од животинско потекло. Директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство, Зоран Атанасов, истакна оти простор за паника нема, бидејќи Кина воведе забрана за извоз на храна од зафатените подрачја.

– Алармот е вклучен и кај нас, но нема увоз на пратки со храна од Кина. Вирусот е опасен за луѓето, не и за животните – истакна Атанасов.
Тој додаде дека АХВ поседува специфична опрема за заштита од болести, која, ако биде потребно, ќе му се стави на располагање на Министерството за здравство.
Бидејќи станува збор за зооноза, болест што може да се пренесе и преку контакт со животни и производи од животинско потекло, АХВ во согласност со насоките на Светската здравствена организација препорачува да се избегнува незаштитен контакт со домашни или диви животни, храната од животинско потекло темелно термички да се обработи при приготвувањето, да се користат различни садови и ножеви при приготвување и сечкање сурова и зготвена храна, рацете да се мијат по секој контакт со различните видови храна. Тие исто така препорачуваат при работа со животни да се носат заштитни ракавици и маски, а работната облека секојдневно да се менува и да се пере. Задолжително да се мијат рацете при контакт со животни и храна од животинско потекло, да се избегнува контакт со болни животни, расипано месо, отпадоци и отпадни материи.

Врз основа на Законот за безбедност на храна и другите законски и подзаконски акти, официјалните ветеринари и инспекторите за храна вршат контроли во сите фази на производството, преработката, дистрибуцијата, трговијата со храна, како и контроли на материјалите што доаѓаат во контакт со храната. Инспекторите од Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) се должни на терен да ја следат работата на операторите и трговците со храна и да прават контроли.

Секој неисправен производ или продукт што не одговара на прописите, граѓаните можат да го вратат кај трговецот и да бараат замена или враќање на парите. Доколку трговецот одбие, граѓаните треба да се обратат до инспекторатот при АХВ, по што инспектор ќе изврши надзор на терен и ќе донесе решение.
Во надлежност на инспекциските служби на АХВ е изрекување забрана за употреба на објекти и опрема за производство и промет кога не се почитуваат стандардите за безбедност на храната. За да се спречи пласман на небезбедна храна, труења и инфекции, покрај редовните, се спроведуваат и вонредни контроли кај операторите со храна.

– Инспекцијата има овластување да забрани производство и промет на храна, што претставува ризик по здравјето на луѓето, да нареди уништување на храна што не е безбедна, како и да отстрани лица од производството и од прометот, за кои е утврдено дека се носители на заразни болести што се пренесуваат преку храна – посочуваат од Агенцијата.

Инспекторот може да даде наредба за итно и неодложно отстранување на констатираните недостатоци. Ако постои сомнеж дека производите не ги исполнуваат условите за безбедност, вклучувајќи и кога има сомнеж дека одреден производ станал небезбеден, инспекторите земаат мостри и се вршат и лабораториски испитувања.
– Инспекциските служби можат да наредат повлекување производ од прометот за кој постои сомневање или е утврдено дека е небезбеден, како и негово уништување. За неотстранување на констатираните недоследности од инспекциските органи, законот предвидува прекршочна постапка. За сериозни недоследности со кои е загрозено здравјето и животот на луѓето, против операторот може да се поведе и кривична постапка – потенцираат од АХВ.

Минатата година биле спроведени вкупно 117.424 контроли. Притоа биле изречени 5.068 мерки, од кои 2.342 едукации и 29 мандатни казни, а поведена била и една кривична постапка.

– Како небезбедни минатата година биле поништени вкупно 39.064 килограми храна од животинско и од неживотинско потекло. За безбедноста на храната ги охрабруваме граѓаните секоја недоследност да ја пријават во Агенцијата, лично, телефонски на бесплатната линија 0800 3 22 22, или електронски – истакнуваат од Агенцијата. П.О.