Занаетчиите се обременети со водење сметководствена евиденција, немаат доволно стручен кадар и сѐ уште се соочуваат со сива економија.
Тие велат дека им се неопходни финансиски и царински олеснувања, како и поддршка од државата, бидејќи нема развој на мали и средни претпријатија без занаетчиство.
– Крајно сум загрижен за развојот на занаетчиството. Немаме стручен кадар, средните стручни училишта имаат деца што се исклучително добро едуцирани, но не и практично потковани. Ние како работодавци ги плаќаме по година до година и пол, а за возврат не добиваме ништо. Кога ќе ги научиме, ќе отидат да работат на друго место – истакна претседателот на Занаетчиската комора, Никола Петров.
Според него, императив е во земја како Македонија, без индустрија, да се развијат малите и средните претпријатија.

– Занаетчии не се оние што ставаат ракија во чашите, туку оние што произведуваат. Родителите треба да сфатат дека занаетот нема да го збогати нивното дете, но нема да го остави без леб. Во секое време за занаетчиите има работа. Владата дава некои ситни пари, за опремување, но треба да ја издигне повисоко улогата на занаетчијата преку царински и финансиски олеснувања, намалување на сметководствената евиденција, зашто ние се претвораме во сметководители. Не може секој занаетчија да плати сметководител – појасни Петров.
Во Македонија засега има околу 5.000 занаетчии, вклучувајќи ги и регистрираните вршители на занаетчиска дејност. Златари, фризери, козметичари, часовничари се меѓу почестите занаети, а чевларите и оние струки што се преплавени од кинескиот пазар изумираат. Во земјава нема водоводџии, паркетари, електричари, луѓе што поправаат механички часовници.

Како што вели Петров, има две категории занаети, едни што изумираат, а други што не им се потребни на граѓаните – како самарџија или опинчар во Скопје.
Вчера се организира доделување мајсторски дипломи првпат по 55 години.
Избрани беа успешни занаетчии во пет категории: мајстор занаетчија за животно дело, млад истакнат занаетчија, успешна жена занаетчија, занаетчија во модерниот дизајн и успешен занаетчија за 2017 година, а на десет лица им беа доделени дипломи за мајстор фризер.
– Мајсторските дипломи се сфаќаат несериозно, а се врв во кариерата на занаетчиите. Најголема придобивка во струката на еден занаетчија е да стане мајстор – истакна Петров.