Фото: Игор Бансколиев

Ќе се скине онаму кај што е најтенко

Ваквата наметната и, според занаетчиите, непотребна мерка дополнително ќе ги влоши и така нарушеното нивно работење, одржливоста и солвентноста, што може да предизвика и масовно затворање на фирмите. Од Комората на занаетчии и Министерството за економија, пак, велат дека поради недоволното прецизирање на одредбите на Законот за вршење занаетчиска дејност од 2004 година и неефикасното функционирање на системот „регионални занаетчиски комори“ се наметнала потребата од нова регулатива

На занаетчиите им се наметнува обврска да ги пререгистрираат своите веќе постојни фирми и работилници, што ќе ги чини околу 130 евра секого поединечно. Ваквата наметната и, според нив, непотребна мерка дополнително ќе ги влоши и така нарушеното нивно работење, одржливоста и солвентноста, што може да предизвика и масовно затворање на фирмите. Занаетчиите реагираат дека им бил даден рок до крајот на оваа година да ги обноват податоците за својот занает во Централниот регистар на Македонија (ЦРМ).

– Не разбирам зошто би се пререгистрирале кога веќе сме пријавени во Централниот регистар, особено не можам да го прифатам трошокот од над 100 евра. Можеби за некого ова не е висока сума, но ние не заработуваме толку многу за да одвоиме повеќе од 100 евра за нешто што веќе сме го платиле. Едвај крпиме крај со крај и се бориме да опстанеме, сега се измислува некоја нова давачка. Кому му оди ова во прилог – реагира повозрасен занаетчија, кој сакаше да остане анонимен.

Претставниците на Занаетчиската комора – Скопје посочуваат дека оваа одредба за пререгистрација е во согласност со Законот за занаетчиство објавен во „Службен весник“ во 2015 година и содржи одредба во членот 91, која гласи:
„Занаетчиите што се регистрирани во регистарот на занаетчии и сите вршители на занаетчиска дејност евидентирани во евиденцијата на вршители на занаетчиска дејност се должни во рок од 24 месеци од денот на започнување на примената на вршењето на јавните овластувања од овој закон да го усогласат своето работење и да поднесат барање до занаетчиската комора за издавање решение за вршење занаетчиска дејност и занаетчиска дозвола. Доколку занаетчиите не го усогласат своето работење во рокот утврден во ставот 1 на овој член, ќе се бришат од регистарот и од евиденцијата на вршители на занаетчиска дејност“. Од комората истакнуваат дека занаетчиите на територија на градот Скопје имаат рок за усогласување во регистарот до 31.12.2019 година.

– Одредбата од законот важи за сите занаетчии што вршат занаетчиска дејност. За подрачјето на градот Скопје станува збор за број од 2.500 занаетчии што треба да се усогласат во единствениот занаетчиски регистар. Постојното законско решение е усогласување во рок од 24 месеци од добивање на јавното овластување, кое го добивме во 2017 година. Во моментов нема законска можност за одложување на рокот за усогласување на занаетчиите – вели Анета Атанасовска, извршна директорка на Занаетчиската комора – Скопје.

Од Министерството за економија појаснуваат дека поради недоволното прецизирање на одредбите на Законот за вршење занаетчиска дејност од 2004 година и неефикасното функционирање на системот „регионални занаетчиски комори“, нефункционалноста на системот на образованието кај занаетчиите во делот на мајсторски испит и основањето на центрите за обука, немањето централна база на податоци за тоа колку занаетчии и во кои сектори работат, се наметнала потребата од нова регулатива.
– Државата немаше контрола врз јавните овластувања предадени на коморите. Пред носењето на Законот за занаетчиството се изработи сеопфатна анализа на целиот сектор занаетчиство, со препораки како да се подобри овој систем – објаснуваат од Министерството за економија.

Атанасовска посочи дека цената за занаетчиска дозвола е донесена на собрание на Занаетчиската комора на Република Северна Македонија (ЗКРСМ), одобрена од Владата, и изнесува 3.000 денари, од кои 10 отсто се уплаќаат на ЗКРСМ.
– Трошокот за усогласување на занаетчија изнесува 5.007 денари, со вклучени такси кон Централниот регистар, во износ од 1.357 ден., и административни такси за барање и решение во износ од 650 денари, во согласност со Законот за административни такси. Со постапката на усогласување може да направат и промена на називот на фирмата, мејл-адресата, адресата на деловното седиште, промената на личните податоци и друго. Втора цена одобрена од Владата е 6.000 денари за упис во регистарот на занаетчии, односно отворање бизнис преку едношалтерски систем, при што занаетчијата добива комплет документи за вршење дејност. Вкупниот трошок за упис на занаетчија изнесува 8.050 денари, со вклучени преостанати давачи – објаснува Атанасовска.

Таа додава дека во случај на престанок со вршење дејност, занаетчиите се ослободени од плаќање трошок за затворање бизнис преку едношалтерски систем, ги плаќаат само административните такси во ЦРМ во износ од 1.302 денари и административните такси за барањето и решението за престанок во износ од 300 денари во согласност со Законот за административни такси.

– Законот за занаетчиство предвидува единствен занаетчиски регистар на територијата на Македонија. Секој постоен занаетчија мора да се усогласи во новиот единствен регистар за да може да користи мерки, активности и средства за поддршка и развој на занаетчиството, да се вклучи во чираштвото со ангажирање чираци за да можат да си создава квалификувана работна сила – истакнува Атанасовска.
Од Министерството за економија додаваат дека со Законот за занаетчиството е предвидено во зависност од тоа кога одредена занаетчиска комора ги добила јавните овластувања од Министерството за економија, да имаат различен рок за пререгистрација и истакнуваат дека за скопскиот регион тоа е до крајот на 2019 година.

– Усогласувањето важи за сите постојни занаетчии регистрирани во регистарот на занаетчии, но, според нашите информации, поголемиот дел занаетчии ја завршиле оваа обврска. Во зависност од податоците што Министерството ќе ги добие од ЗКРСМ на крајот на 2019 година ќе одлучи дали ќе се одложи рокот за усогласување или не – истакнуваат од ресорното министерство.

Сепак останува нејасно, она на што и најмногу реагираат занаетчиите, е зошто веќе постојни и регистрирани фирми сега повторно да плаќаат за своја пререгистрација. Доколку досега неажурно се воделе податоците во Комората на занаетчии или во Централниот регистар и не биле усогласени, тоа не може да биде наша вина, реагираа занаетчиите, кои ваквата мерка ја сфаќаат единствено како казна и повод за затворање на своите работилници.


Законот отвора можности за обука на чираци

Од Министерството за економија истакнуваат дека со Законот за занаетчиство се регулираат подетално одредени сегменти, меѓу кои и воведување занаетчиска дозвола, која се издава за занаетчиските дејности и важи како гаранција за квалитет на производите и услугите што ги нудат занаетчиите.

– Утврдено е финансирањето на занаетчиските комори во согласност со законското решение 90 отсто од средствата за извршување на јавните овластувања и коморскиот придонес да се прелеат во занаетчиските комори, додека 10 проценти во ЗКРСМ. Се воведува електронски занаетчиски регистар, кој покрај регистрацијата на физичките лица-занаетчии и евиденција на трговците поединци и трговските друштва, ќе служи и како централна база на податоци, со што институциите за развој и поддршка на занаетчиството во РСМ во секој момент ќе имаат јасна слика колку занаетчии се регистрирани и од кои сектори. Врз основа на ова ќе може да се креираат пореални и квалитетни политики за развој и поддршка на занаетчиството. Со овој закон се воведува чираштвото, кое овозможува невработено лице да биде ангажирано од страна на работодавец за да се стекне со вештини, компетенции и знаења за изучување определен занает – објаснуваат од Министерството.