Фото: Маја Јаневска-Илиева

Агрометеоролозите укажуваат дека поради високите температури, кои претходно ја зафатија државата, многу од овошките се во фаза на цутење или се расцветани поради што има ризик, ако се задржат ниските температури, да измрзне дел од цветовите

Измрзнување на цветовите на овошките, особено на кајсиите, но и проретчување на родот им се заканува поради ниските температури што деновиве ја зафатија Македонија. Агрометеоролозите укажуваат дека не се очекуваат големи штети врз земјоделските култури, но појаснуваат оти поради високите температури, кои претходно ја зафати државата, многу од овошките се во фаза на цутење или веќе се расцветани. Токму поради ова, укажуваат дека има ризик, доколку се задржат ниските температури, да измрзне дел од цветовите.
Агрометеорологот Ангелко Ангелески, од Управата за хидрометеоролошки работи, истакнува дека поради ниските температури што ја зафатија нашата земја може да има штети кај овошките, пред сѐ кај коскестите што први цветаат, како кајсиите, дел од сливите, но и бадемите, кои веќе се целосно расцветани.
– Од вчера, нѐ зафати нов влажен бран, кој продолжува и во текот на денешниот и утрешниот ден, а најавени се дури и снежни наноси на повисоките места. Не очекуваме големи штети во земјоделството, но сепак, сѐ зависи каде и колку снег ќе падне. Кајсиите по должината на Повардарието се расцветани, особено ако се на сончева локација и во појужните делови од земјата. Сепак, ако е ветровито не очекуваме да се формира мраз, но не се исклучува и таа можност, во зависност од тоа каде ќе падне снег – вели Ангелески.

Појаснува дека со овој влажен бран се разладува земјата, која беше и премногу загреана од претходно невообичаено високите температури во нашата земја. Посочува дека е позитивно што во овој период дошол нов влажен бран и намалување на температурите, бидејќи во спротивно, доколку продолжеа високите температури, ќе имаше помасовно цветање и многу поголеми штети.
– Штетите врз одредени земјоделски култури не зависат само од температурите, туку и од почвата, од местоположбата на засадените култури, на јужна или на северна страна, или пак во пониските или повисоките региони. Во Берово на пример нема расцветани овошки и штети нема да има, но во пониските локации ако температурата се спушти под два или под четири степени Целзиусови, тогаш може да ги оштети овошките – прецизира Ангелески.
Агрометеорологот дополнува дека овој нов влажен бран земјоделците го искористиле за прихранување на есенските посеви, бидејќи со дождот ѓубривото влегува во земјата и го прихранува растението, но укажува дека досегашните врнежи од дожд и снег не се доволни за да ги наполнат испразнетите акумулации.
– Дел од акумулациите се поднаполнија, но и понатаму се далеку под просекот за овој период од годината. И понатаму ќе ни бидат потребни врнежи за нивно полнење. Се надевам дека и во следниов период ќе продолжат дождовите. Кај нас е карактеристично во април да наврне доста дожд, па да се надевам дека тоа ќе овозможи нивно полнење – додава Ангелески.
Тој наедно укажа дека ветровитото и постудено време негативно се одразува врз пчелите и нивното собирање нектар и може негативно да се одрази и на производството на мед.

Како што е посочено на веб-страницата на Управата за хидрометеоролошки работи, временските услови во текот на изминатата седмица им одеа во прилог на земјоделците, но оти сѐ уште постои опасност од појава на мразови.
– Опасноста од постигнување негативни минимални температури во наредниот период сѐ уште е голема, поради тоа што речиси никаде не се поминати просечните датуми на последна појава на мраз во пролет, освен во Дојран. Земјоделците треба да знаат дека температури од – 4 степени Целзиусови се критични за фазата на затворен цвет и – 2 степени Целзиусови во фаза на отворен цвет кај коскестите видови – пишува на веб-страницата на УХМР.
За денеска се очекува умерено облачно и студено време со засилен северозападен ветер, особено изразен во источните делови и по должината на Повардарието. Во крајните источни делови ќе провејува слаб снег. Според најавата на УХМР, и во следниве денови ќе се задржи променливо облачно и студено време со умерен северозападен ветер. Притоа се очекува на планините и повисоките места да има појава од повремен слаб снег. Најниски утрински температури се најавуваат за в петок, кога се очекува да се спуштат до минус седум степени Целзиусови, а дневната ќе биде во пораст и ќе достигне 13 степени. Променливото време продолжува и во следните денови.