Со помош на граѓаните, кои бараат да им се издадат фискални сметки при нивните пазарења и потоа ја скенираат валидната фискална сметка, заедно учествуваме во „борбата“ против оние даночни обврзници, кои се обидуваат да го скријат односно да не го прикажат прометот што навистина го прават, истакнува директорката на УЈП Сања Лукаревска

Сања Лукаревска, директорка на Управата за јавни приходи

Каков е интересот кај граѓаните за скенирање фискални сметки, колку апликацијата „Мој ДДВ“ помага во сузбивање на сивата економија во земјава, како и обврските за проверката на годишните даночни пријави, беа дел од темите на кои разговаравме со директорката на Управата за јавни приходи Сања Лукаревска. Таа истакнува дека очекувањата од воведувањето на „Мој ДДВ“ се постигнати и дека наплатата на данокот на додадена вредност има раст од 11,2 проценти.

Колку сте задоволна од досегашниот одзив кај граѓаните за учество во проектот за поврат на данокот?
– Бројот на корисници на апликацијата „Мој ДДВ“ секојдневно се зголемува. Тоа значи дека се зголемува довербата на граѓаните кон оваа мерка. Граѓаните веќе се свесни дека она што го ветивме, дека ќе враќаме пари назад кај граѓаните, тоа и го остваруваме. Тие се, исто така, свесни дека со самото барање да им бидат издадени фискални сметки и нивно скенирање директно учествуваат во намалување на сивата економија. Очекувањата се исполнети.
Бројките кажуваат дека по првата исплата на 15 отсто од пресметаниот ДДВ, интересот се зголемил. Ако претходно месечно се регистрирале по 10 илјади корисници на апликацијата, по започнувањето на исплатата, бројка е дуплирана, сега месечно се регистрираат по 25 илјади нови корисници. Искрено, како Управа за јавни приходи сме задоволни.

Колку оваа мерка придонесува да се намали сивата економија во земјава?
– Со помош на граѓаните, кои бараат да им се издадат фискални сметки при нивните пазарења и потоа ја скенираат валидната фискална сметка, заедно учествуваме во „борбата“ против оние даночни обврзници, кои се обидуваат да го скријат односно да не го прикажат прометот што навистина го прават. Граѓаните секојдневно се јавуваат на линијата 198 и пријавуваат издавање на незаконски фискални сметки и пријавуваат нерегуларности со кои се соочуваат. Од воведување на мерката, бројот на овие јавувања е драстично зголемен, така што денес имаме 1.687 пријави за неправилности, додека, пак, минатата година истиот период имавме 741 пријава. По воведувањето на „Мој ДДВ“ наплатата на данокот на додадена вредност има зголемување од 11,2 проценти, и тоа од јули до декември 2019 со истиот период во 2018 година.

Бизнис-заедницата честопати посочува дека голем проблем претставува сивата економија. Какви други активности презема УЈП за нејзино сузбивање?
– Во постојан контакт сме со бизнис-заедницата и честопати остваруваме средби, ги слушаме нивните проблеми и нивните предлози за намалување на сивата економија, за наоѓање начини и механизми да ја намалиме нелојалната конкуренција од фирми што не работат во согласност со законите. Ова е стратегиски приоритет на Управата и континуирано се спроведуваат активности, како во однос на измени во законска регулатива и фискална едукација, така и со учество во изработка на национални стратегии, склучување меморандуми за соработка, но и со континуирано спроведување контроли кај даночни обврзници по Законот за регистрирање на готовински плаќања во однос на поседување фискален систем и регистрирање на готовинските плаќања. Спроведуваме и даночни контроли по основа на Законот за персонален данок на доход, Законот за данок на додадена вредност, Законот за данок на добивка. Преку софтверот за ризик при Генералниот даночен инспекторат, кој обезбедува објективна селекција на даночните обврзници за контрола, значително се намали човечкиот фактор, а со тоа и субјективноста во процесот на селекција на даночните обврзници за контрола. Исто така, беше унапредена функцијата надворешна контрола што е чекор напред во остварување на стратегиските реформски приоритети на Управата за јавни приходи, односно создавање модерна и развиена даночна администрација со фокус на доброволната усогласеност кон даночните обврзници.

Минатата година граѓаните однапред добија пополнета годишна даночна пријава. Ќе има ли оваа година новини или останува истата обврска за проверка и потврда или промена на податоците?
– Реформата е-ПДД – издавање претпополнета годишна даночна пријава од страна на УЈП, која почна минатата година, донесе огромен бенефиција за граѓаните, кои се многу задоволни од реформата затоа што долгите редици чекање на шалтерите на УЈП се веќе минато. Исто така, системот е-ПДД им овозможува и да проверат дали приходите што ги оствариле се соодветни во однос на искажаните приходи од исплатувачите, за да се спречи евентуална злоупотреба на нивните лични податоци и примања. И оваа година граѓаните на своите е-адреси ќе добијат известување дека годишната даночна пријава (ГДП) е подготвена за потврдување. Граѓаните ќе може да ја разгледаат пријавата и доколку е во ред може да ја потврдат, а доколку не се согласуваат со внесените податоци може истите тие да ги коригираат.
Во суштина, остануваат исти обврските како претходната година и за УЈП и за граѓаните. УЈП до крајот на април 2020 г. ќе ја подготви ГДП и ќе ги повика граѓаните да ја прегледаат преку системот е-персонален данок. Рокот за потврдување е 31.5.2020 година, а доколку не го сторат тоа од први јуни, ГДП ќе се смета за потврдена. Даночните службеници, секако, им стојат на располагање за сите недоумици и нејаснотии на граѓаните.

Со донесување на Законот за данок на личен доход, кој стапи во сила на први јануари минатата година, неопходно беше постојниот образец да се замени со нов, кој сега се нарекува ДЛД ГДП и е усогласен со новиот закон, односно со неговата терминологија и, се разбира, со неговата суштина.
Годишната даночна пријава за 2019 година ќе се разликува од онаа за 2018 година во начинот на утврдување на годишниот данок на личен доход, поради примената на прогресивната стапка од 18 отсто, која важеше за доход од работа, доход од самостојна дејност, доход од авторски и сродни права и доход од продажба на сопствени земјоделски производи за 2019 година.

Имено, во зависност од тоа дали даночната основа кај овие видови доход на годишно ниво надминува 1.080.000 денари, а данок на доход по овие основи бил пресметан со примена на стапка од 10 проценти може да следува дозадолжување со даночна обврска. Доколку даночната основа кај овие видови доход на годишно ниво не надминува 1.080.000 денари, а данокот на личен доход по овие основи во текот на 2019 година бил пресметан со примена на стапка од 18 отсто ќе следува поврат на данокот на личен доход.