Премиерот Зоран Заев денеска во Гевгелија ја пушти во употреба новата инвестиција на домашната извозно ориентирана компанија „Конти Хидропласт“ со традиција од 30 години постоење. Станува збор за петгодишен договор до 2023 година за инвестицискиот проект на компанијата во висина од 5.1 милиони евра. Заев истакна дека Владата ги поттикнува компаниите кои и во кризата гледаат можност, инвестираат, вработуваат, освојуваат нови пазари.

– Новата инвестиција на „Конти Хидропласт“ се реализира со поддршка од Законот за финансиска поддршка на инвестициите. Минатата година, финансиски се поддржани за инвестициите реализирани во 2019 година, со што од страна на Владата исплатени се 10% од оправданите инвестициски трошоци во 2020 како и 20% од трошоците за освојување нови пазари или со вкупен износ од 6.4 милиони денари. Градиме систем кој ги поттикнува успешните компании кои работат чесно, придонесуваат во сопствениот развој, вработуваа кадри и вложуваат во човечкиот капитал, а сето тоа значи и развој на државата. Компанијата го задржа истиот број на вработени – 185 лица, а дополнително постои потреба за нови вработувања, но и од стручна квалификувана работна сила. Во таа насока Владата го поддржува процесот на дуално образование и креирање на кадар кој соодветствува на реалните потреби на компаниите – изјави премиерот Заев и додаде дека оваа година Владата преку директните капитални инвестиции отвора можност на преку 150 милиони евра развојни компоненти со производи од ваквото производство на цевки и црева за водоводи, канализација и гасификација на државата.
Премиерот Заев додаде дека само гасификацијата стартува со 54 милиони евра на интерконекторот кој што поминува покрај Гевгелија, Неготино, грчка граница и се продолжува со интерконекторот спрема Косово, Србија.

– Веруваме дека на пролет ќе стартуваат изградбите на секундарните и терцијалните мрежи на гасоводот во сите поголеми македонски градови, а понатаму и во помалите. 50 милиони евра е ТАВ програмата каде преку 80% се инвестиции во водоводи и канализации ширум државата. Во разговори и преговори сме со Европската инвестициона банка за нови 100 милиони евра за водоводи, канализации и прочистителни станици – додаде Заев.
Борис Маџунков генерален директор на компанијата „Конти Хидропласт“ истакна дека Законот за финансиска поддршка на инвестициите е од голема важност за растот и развојот на македонската индустрија. Тој додаде дека производството е 90% наменето за извоз на странските пазари и тоа Грција, Бугарија, Србија, Албанија, Босна и Херцеговина, Хрватска, Романија, дополнително за прв пат започнуваат извоз во САД што е голем успех за компанијата. Произведуваат полиетиленски и полипропиленски црева и цевки за водоводни, гасоводни и канализациони системи, притоа водејќи сметка за квалитет и заштита на животната средина.

Владата е посветена на подобрување на деловен амбиент, олеснување на царинските процедури, намалување на парафискални давачки, владеење на правото за сигурност на инвестициите како и почитување на начелата на пазарната економија.