Термоцентралата ТЕЦ „Неготино“ ќе се трансформира во гасна централа преку јавно-приватно партнерство или ќе се продаде, најави премиерот Зоран Заев на вчерашната прес-конференција, на која ги посочи приоритетните проекти од областа на енергетиката за 2021 година.
– АД ТЕЦ „Неготино“ распиша оглас за изработка на физибилити-студија и во првата половина од 2021 година ќе се оцени дали ќе се гради нова гасна електроцентрала на истата локација по моделот на јавно-приватно партнерство или ќе се продава. Можната инвестиција е од 200 до 500 милиони евра – кажа Заев.
Премиерот се осврна и на интерконекторот за гасното поврзување со Грција, кој ќе чини 54 милиони евра, од кои 10 ќе бидат платени од ЕУ како грант, а следната година ќе се заврши и магистралниот крак Тетово – Гостивар – Битола.
– Во 2021 ќе започне втората фаза од тендерската постапка за дистрибуција на гасот по општините, а Штип и Крива Паланка имаат готова документација и се најблиску до гасифицирање, по Струмица и Куманово – истакна Заев.
Тој наедно потсети дека огласот за хидроцентралата „Чебрен“ заврши пред три дена и дека има десет заинтересирани компании.
На вчерашната прес-конференција премиерот посочи дека се прават проекти за почисто работење на термоцентралите како најтешки загадувачи, а најави и амбициозна програмата за намалување на загадувањето на воздухот за следната година.

Најпрво тој кажа дека се предвидени 100 милиони денари за објекти за општините за замена на нееколошките системи за греење, зголемување на енергетската ефикасност и обновување на урбаното зеленило. Дополни дека во 2021 година ќе продолжи инвестирањето во замената на нееколошките системи за греење и до 2024 година ниту една државна институција нема да користи загадувачки енергенти.
Заев, впрочем, 2021-та ја најави како година на новата македонска енергетика.
– Во 2021 година очекуваме реализација на проект со кој термоцентралата „Осломеј“ ќе се замени со фотонапонска електроцентрала. На местото на стариот рудник во РЕК „Осломеј“ сега се градат капацитети за 10 мегавати, а ќе се изградат уште две фотонапонски електроцентрали од по 50 мегавати. Проценетата инвестиција е околу 60 милиони евра. Дополнително, обезбедени се грант-средства за физибилити-студии за три нови фотонапонски електроцентрали со вкупен капацитет од 160 мегавати во РЕК „Битола“ – рече Заев.

Тој посочи дека изминатата година успешно биле спроведени првите транспарентни постапки за доделување премиум тарифи за изградба на фотонапонски електроцентрали во вкупен инсталиран капацитет од 62,5 мегавати, од кои веќе неколку се пуштени во употреба. Во првиот квартал од 2021 г. ќе биде објавен нов тендер за дополнителни 60 мегавати фотонапонски електроцентрали по истиот принцип. Инвестицијата е над 35 милиони евра.
– Во текот на 2021 ќе започне изградбата на втората фаза од ветерниот парк Богданци 2, со кој ќе се зголеми инсталираната моќност на постојниот ветерен парк Богданци за 13,8 мегавати. Проценетата инвестиција е 21 милион евра. Започнува реализацијата и на нови ветерни паркови во Богданци, Св. Николе, Демир Капија и во Дебрца – дополни Заев.