Премиерот Зоран Заев, придружуван од своите соработници денеска се сретна со делегација на Меѓународната финансиска групација (ИФЦ), дел од Светска банка, предводена од Вебке Шлумер, регионална директорка за Европа и Централна Азија, која беше придружувана од регионалниот директор за Централна и Југоисточна Европа, Томас Лубек.

Со соговорничката се согласиле дека иднината на Македонија, како идна членка на НАТО и ЕУ, на граѓаните и домашните компании им отвора можност да се претстават на пазарот каде има повеќе од 500 милиони потрошувачи.

На средбата се разговарало за потенцијалите на Република Македонија при што Шлумер искажала отворена поддршка на групацијата ИФЦ за интензивирање на финансирањето проекти во приватниот сектор и во подобрувањето на снабдувањето со електрична енергија, особено во полето на обновливите енергетски ресурси.

– Претставничката на ИФЦ, посебно се осврна на важноста на поддршката на приватниот сектор преку поврзување на странските директни инвестиции со домашните компании, на што премиерот Заев додаде дека Владата преку проекти е посветена на охрабрување на локалните компании, на младите луѓе, за имплементирање на нивните бизнис идеи со следење на модерните и иноваторските технологии – се додава во соопштението.

Премиерот Заев информирал дека Владата презема конкретни мерки за мотивирање во приватниот сектор, подобрување на конкурентноста со цел да бидат отворени нови, добро платени работни места, кои ќе ги задржат младите да работат во нивната татковина.

Директорката Шлумер, пак, потенцирала дека ИФЦ ги разгледува можностите и за поттикнување на развојот на микро, мали и средни претпријатија преку олеснет пристап до финансии, посочувајќи дека поддршката е во насока на трендот на подобрување на економијата во земјата и преку создавањето услови за нови пазари да се отворат перспективите не само на граѓаните на Македонија, туку и на регионот.

– Вашата поддршка ја цениме, ние создаваме услови за искористување на нашите потенцијали, ги поддржуваме домашните претпријатија и одржувајќи добрососедски односи сакаме заедно, со земјите од регионот да освојуваме нови пазари – подвлекол Заев на средбата, охрабрувајќи ги претставниците на Меѓународната финансиска групација, ИФЦ, активно да ја следат се поинтензивната регионална соработка помеѓу државите на Западен Балкан.

Тој потенцирал дека нивната поддршка би била од огромно значење во помагање на заедничкото настапување на регионот на европските и светските пазари.