Премиерот Зоран Заев денеска со свое воведно обраќање го означи отворањето на состанокот на Холандската Конституенца чијашто членка е и нашата земја во рамки на годишните средби кои оваа година се случуваат во Скопје во организација на Министерството за финансии и Народната банка. Покрај премиерот Заев свои воведни обраќања имаа и министерот за финансии, Драган Тевдовски, гувернерката на Народна Банка на Северна Македонија, Анита Ангеловска Бежовска, Кун Дејвидсе, извршен директор на Светска Банка и Ентони де Ланој, извршен директор на ММФ.

Во своите обраќање директорите на Светска Банка и ММФ ги поздравија храбрите политички чекори кои нашата земја ги презема во последните 2 години кои ги отворија вратите за наше членство во НАТО и ЕУ како важен поттик за економијата да расте и да биде одржлива на долг рок.

Пред почетокот на состанокот на Конститунцата, регионалниот директор на Светска Банка за Источна и Централна Азија, Сирил Милер имаше презентација во која сподели информации поврзани со економските перспективи и финансиските системи во регионот што го покриваат земјите членки и за проектите на коишто банката соработува со земјите.

– На самиот почеток дозволете ми да изразам големо задоволство што после цели 16 години нашата земја, Република Северна Македонија е домаќин и организатор на годишните средби на Холандската Конституенца на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) и Светска банка. На гостите од земјите членки на Конститунцата сакам да им посакам топло добредојде во нашата земја, Република Северна Македонија.Ние како земја организатор имаме уникатна прилика да бидеме домаќин на ваков настан од високо експертско ниво. Од големо значење е да ги слушнеме врвните светски експерти од областа на економијата и финансискиот сектор кои ќе дебатираат на една исклучително важна тема која го засега светот и нас како земји членки на холандската Конституенца „Како до поправеден систем за сите – рече премиерот Заев.

Тој додаде дека државата преку спроведување на економски реформи и успешни фискални политики изминативе две години на дело покажува дека е посветена на градење на едно праведно општество со еднакви можности и силна економија којашто ќе отвора шанси за сите.

– Тоа е патот по кој чекори нашата земја – патот на праведност и фер шанса за сите. Не беше лесно да се зачекори по тој пат. Работевме на решавање на крупните политички прашања што денеска ни овозможи да имаме забетонирано сигурно членство во НАТО и започнување на преговори со Европската Унија до крајот на годината и паралелно со тој процес работевме на стабилизација на економијата преку спорведување на издржани економски и фискални политики. Успеавме да ја ставиме економијата на една забрзана трака на раст, кој во својата суштина и структура денеска претставува праведен реален економски раст на БДП. Од – 1,8 отсто во 2017, растот на БДП во првиот квартал 2019 изнесува 4,1 отсто. Ова е одлична база за уште повисоки стапки на БДП кои ги очекуваме во наредните квартали – додаде премиерот Заев.

Министерот за финансии Драган Тевдовски истакна дека изминатиот период со реформи во системот на јавни финансии и воспоствена фискална дисциплина се создал фискален простор за да се зголемат инвестициите во човечки капитал.

– Слабите инвестиции во човечкиот капитал порано, резултираа со низок индекс на истиот, односно ниска потенцијална продуктивност на граѓаните поради помали инвестиции во образование, здравство и социјална грижа. Затоа наша определба, за разлика од порано, е да се вложи повеќе внимание и финансии за инвестирање во човечкиот потенцијал. Покрај социјалната реформа, издввоивме повеќе средства и за активните мерки за вработување, за изградба на нови градинки, за што имаме поддршка и од ЕУ и Светска банка. Понатаму, постојано ги зголемуваме средствата за здравство и образование, вклучително и покачување на платите на лекарите и наставниците. Ова се најважните алки во синџирот, а слабите алки креираат слаби ученици и лошо здравство – рече министерот Тевдовски.