Фото: Маја Јаневска-Илиева

Потребен ни е економски просперитетен Балкан на 21-от век, интегриран во ЕУ. Денес, ќе додадам и Балкан кој живее во сегашноста и гради просперитетна иднина, а минатото е поука дека поделбите и раздорите не водат никаде, порача премиерот Зоран Заев на отворањето на првиот Скопски економски форум.

– Нашата земја ги исполни сите услови за почеток на преговорите по поглавјата за членство во ЕУ, што е безусловно потврдено од Европската комисија, како и од огромно мнозинство на 26 од вкупно 27 земји-членки на ЕУ – истакна Заев, изразувајќи посебна благодарност за континуираната поддршка од САД, како и за онаа од земјите-членки на ЕУ.

Премиерот ги повика инвеститорите да ги искористат можностите за да го вложат својот капитал во Македонија, нагласувајќи дека поволностите за инвестирање во индустриските развојни зони веќе се препознаени од сите инвеститори.

Скопскиот економски форум насловен „Нова зора: Поставување темели на стабилност и просперитет”, е иницијатива на Економскиот форум Делфи во соработка со грчката бизнис асоцијација во Македонија.