Постои волја од Владата, ЕЛЕМ и ЕВН да избришеме долгови за струја во вкупен износ од 110 милиони евра на 200.000 граѓани и семејства, порача премиерот Зоран Заев на трибината „Силна економија – шанса за сите“ во Охрид.

Тој посочи дека има прогрес во преговорите со ЕВН и ЕЛЕМ за бришење на долгови за струја настанати до 2006 година за 200.000 граѓани и семејства.

-Разгледавме ситуација за стари долгови за струја до 2006 година за 200.000 семејства и граѓани кои се заглавени во вакви лавиринти на извршители и блокирани сметки. Овие денови сме во длабоки преговори, волјата денеска можам слободно да ја соопштам, а кога правно формално ќе го потпишеме договорот јавно ќе соопштиме – рече Заев на трибината.

Волјата од Владата за преземање на своите дејствија, потенцира, е нотирана и потврдена од ЕЛЕМ како партнер во производството на струјата и од ЕВН како приватна компанија.

-Намерата е да избришеме долг на граѓаните од 110 милиони евра. Тоа се огромни пари и ќе биде големо олеснување за граѓаните. Сите мерки коишто ги спроведуваме се во насока на било кој начин да вбризгаме пари кај граѓаните – потенцира Заев.