Триесет проценти од произведената енергија е од обновливи извори на енергија и тука сме блиску до европскиот просек, истакна премиерот Зоран Заев.

– Со инвестиции во обновливи извори на енергија имаме основани причини дека ќе постигнеме повеќе од 50% на севкупното производство на енергија да бидат од обновливи извори на енергија – рече Заев одговорајќи на новинарско прашање на тема енергетика.

Според него, целосното прилагодување и промена на јагленот како главен извор на производство на енергија со обновливи извори на енергија е еден од главните приоритети во државата.

Заев потсети дека сериозни капацитети и ресурси се насочени кон оваа дејност и, како што додаде, тоа се најголемите инвестициски потенцијали што во моментов се случуваат ќе се случуваат во следните години.

Премиерот Заев објасни дека најбрза инвестиција за најбрз можен начин за раст на БДП е инвестицијата во енергија посебно во обновливите извори на енергија.

– Овде спаѓаат фотоволтаиците, за кои во моментот најмногу се инвестира. Сакам да знаат граѓаните дека тие не одат веќе со фидинг тарифи, ниту со премиум тарифи, туку одат слободни на пазар. Вториот аспект се ветерниците во државата, каде се постави инвестиција вредна преку 500 милиони евра. Издадовме три лиценци за коишто се извадени веќе одобренија за градба, односно 30 мегавати во Богданци, 36 во Свети Николе и во Демир Капија уште 30-тина мегавати, значи некаде околу 100 мегавати се произведуваат само преку ветерници – рече премиерот.

Заев истакна дека очекува тендерот за Чебрен да биде успешен поради добрите услови кои ги дава државата за обновливи извори на енергија.