Стечајната постапка во „Фени“, денеска „Еуроникел индустри“, не само што е најуспешна постапка во нашата историја, со расчистени долгови кон сите доверители, вклучително и кон вработените, туку денеска е компанија која со извоз од 200.000.000 милиони евра, учествува со 1,8% во вкупниот БДП на државата, и исплатува за 30% повисоки плати од просекот на своите работници, истакна премиерот Зоран Заев, на годишнината од работата на фабриката под раководство на новите сопственици, компанијата „ГСОЛ“ од Швајцарија.
– Со новата производствена линија, инвестиција вредна 15 милиони евра која ја пуштаме во работа денеска, ‘Еуроникел индустри’ од Кавадарци идната година планира извоз на фероникел во вредност од 300 до 320 милиони евра, што е еднакво на 2,7% учество во домашниот БДП, што е неверојатно остварување кога се очекува годишната вредност на нашиот БДП да достигне блиску 4% – нагласи премиерот Заев во Кавадарци.

Тој кажа дека фабриката вработува 1.000 луѓе и додаде дека оваа компанија е столб во креирањето на бруто-домашниот производ и е, на еден начин, мотор на економскиот развој.

– Денес ‘Еуроникел индустри’ е производител на висококвалитетен никел, којшто успешно ги освојува пазарите во Европа, Азија и Америка. Тоа се пазарите на кои се извезува целокупното производство, со што компанијата се вбројува меѓу најголемите извозници од Северна Македонија – рече Заев.