Премиерот Зоран Заев, веднаш по форумот „Северна Македонија: Забрзување на реформите, забрзување на европската интеграција“, што во организација на Европската банка за обнова и развој и Центарот за европските политики, се одржа во Брисел, заедно со заменик директорот на ЕБОР за политики и партнерство Пјер Ејлброн, одржаа прес конференција на која ги пренесоа своите впечатоци од форумот и одговараа на прашања од интерес на новинарите.

Заев пред новинарите во Брисел, уште еднаш истакна дека, по позитивниот извештај на Европската комисија во Брисел, она што се очекува е исполнување на ветувањето на Европскиот Совет од минатата година кога беше речено дека со исполнувањето на условите и завршницата на реформите во правосудството, безбедносните служби, во јавната администрација и во борбата против корупцијата, ќе следува стартот на преговорите по поглавјата во јуни оваа година.

Европската комисија ја повтори безусловната препорака, како резултат на исполнетите услови, и Македонија сега очекува и Европскиот Совет да ја прифати препораката, истакна премиерот Заев и додаде дека извештаите за напредокот на другите земји од регионот не треба да влијае на одлуката за нашата земја, и дека секоја друга одлука ќе ги уназади реформските процеси и ќе го закочи економскиот напредок што го остварува земјата кој е силно поддржан од Европската банка за обнова и развој.

– За време на овој процес на европските интеграции се случија многу позитивни работи во економијата. Тоа потврди дека Европа е најдобрата мотивација за економски раст, за странски директни инвестиции, за намалување на невработеноста, за раст на продуктивноста и за индустрискиот раст – беше дел од изјавата на премиерот и додаде дека освен признанијата за него и за премиерите Ципрас и Борисов, сега треба да дојдат и признанијата за народот во Македонија со одлука за старт на преговорите по поглавјата за европска интеграција на земјата.

Заменик директорот на ЕБОР за политики и партнерство Пјер Ејлброн на форумот истакна дека Европската банка за обнова и развој е многу значаен партнер на Владата во насока на реализација на економските политики за зголемување на конкурентноста на Македонија, но и на регионот генерално, и дека земјите од Балканскиот полуостров се мали земји и доколку сакаат да се развиваат со побрза динамика потребно е да се отворат кон соседите и да ја зголемуваат меѓусебната соработка, а на тој начин да ја зголемуваат и соработката со земјите членки на Европската Унија.