Премиерот Зоран Заев и владиниот економски тим, вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи, министерот за финансии Фатмир Бесими, заменик-министерот за економија Зоран Маневски, заедно со директорката на Управата за јавни приходи Сања Лукаревска, денеска попладне одржаа средба со врвот на Стопанската комора на Северна Македонија, предводена од претседателот Бранко Азески.

На работната средба, во неколкучасовната дискусија, се разговараше за предизвиците, со кои се соочува економијата во земјата и регионот и се дискутираше за поединечни предлози и решенија кои директно би помогнале за надминување на последиците од здравствено-економска криза предизвикана од вирусот Ковид-19 и подобрување на условите за водење бизнис во државата, информираат од владините служби.

„Сакам денеска да ви испратам порака, дека од Владата ја имате постојаната поддршка. Нашиот фокус е на домашните компании, кај кои гледаме огромен потенцијал во обезбедувањето нови работни места, постојана плата и пораст на Бруто домашниот производ (БДП). Ваквите средби се добредојдени, бидејќи потребно е заедно да ги лоцираме потешкотиите во вашето работење и да ги отстраниме“, рече премиерот Заев на средбата со претставниците на бизнис заедницата.

На средбата се разговараше за повеќе мерки кои за Стопанската комора, која годинава ќе прослави 100 години коморско постоење, се приоритетни и за кои како што беше нагласено заедно со Владата, ќе се следи нивната имплементација.

Како една од клучните стратешки определби на Владата беше истакната реализацијата на националниот гасоводен систем при што двете страни во денешната работна средба се согласиле дека целосната реализација на овој проект е од исклучително значење за стопанството како краен потрошувач, кој на овој начин ќе добие поевтин енергенс, пониски трошоци и ќе се обезбеди заштита на животната средина и поголема конкурентност на странските пазари.

Премиерот Заев, заедно со членовите на Владата, информираа дека се преземаат мерки и се носат одлуки со цел реализација на активностите на Стратегијата за реформа на јавната администрација 2018-2022 година.

На работната средба се разговараше и за унапредување на работењето на Управата за јавни приходи и кај останатите државни институции кои имаат инспекциски надлежности и нивно унапредување, јакнење на капацитетите и дигитализација.

На средбата беше предложено и да се обезбеди во иднина прецизно дефинирање на временската рамка за измени во даночниот систем, односно измените во сферата на даночните давачки да се носат и комуницираат со јавноста најдоцна до 30 јуни во тековната календарска година.

Од страна на Стопанската комора беше предложено донесените измени да имаат одложено дејство, односно да почнат да важат од 1 јануари во наредната календарска година.

На денешната повеќечасовна работна средба беше повторена заложбата на Владата постојано да се носат мерки во насока на подобрување на инвеститорската клима, при што беше истакнато дека и во време на економско-здравствена криза извозот се задржа на 6,5 проценти, што е позитивна вест во однос на подобрување на севкупниот економски раст во државата. За таа цел се преземаат мерки за ублажување на ефектите од пандемијата на краток рок, како и планирање за економски раст на среден и долг рок.

Премиерот Заев порача дека Владата има слух за домашните инвеститори и ваквите средби како денешните помагаат на партнерството со бизнис заедницата во креирањето и спроведувањето на владините позитивни економски политики, кои носат резултати.