Нова инвестиција од ветерен парк ќе се гради на просторот помеѓу селата Стојаково и Селемли. Се работи за инвестиција од 30 мегавати ветерна електрана на подрачјето на општина Богданци со вредност од над 40 милиони евра за производство на електрична енергија од околу 72 гигават часови.

Ова според премиерот Зоран Заев ќе значи обезбедување на стабилно снабдување со зелена и еколошка електрична енергија за околу 18.000 домаќинства.
Премиерот Заев, заедно со инвеститорите словенечката компанија „Интеренерго“ и „Тригал”, како и со градоначалникот на општина Богданци, Блаже Шапов, ги истакнаа придобивките од проектот чија цел е обезбедување чиста еколошка електрична енергија.

– Она што е од голема важност за целиот инвестициски циклус е тоа што при изградбата ќе се вклучат и локални изведувачи со што дополнително ќе се придонесе за развој на локалната економија во земјата. Станува збор за современа инвестиција со имплементирање на најмодерна технологија, која се очекува да заврши за две години. Деновите на производство на електрична енергија од фосилни горива изминуваат. Силно веруваме дека и новиот ветерен парк во целост ќе ја оправдува инвестицијата на ветерот како обновлив извор на енергија – истакна Заев.

Блаж Штерк, директорот на „Интеренерго“, Љубљана, рече дека како едни од најактивните инвеститори во Југоисточна Европа, посветени се на производство на електрична енергија од целосно „зелени“, обновливи извори.

Според, Стратегијата за развој на енергетиката до 2040 година, уделот на обновливите извори на енергија во вкупната потрошувачка на финална енергија се планира да биде над 50%.

Фотонапонските и ветерните електрани ќе бидат најбрзо растечки технологии за производство на електрична енергија во сите сценарија, и тоа до 1.400 мегавати фотонапонски електрани и до 750 мегавати ветерни електрани.