Претседателот на Владата Зоран Заев се сретна со претставници на Одборот на директори на „Македонија 2025“, Мајк Зафировски, Џон Битов, Вера Ставроф и со главната извршна директорка на организацијата, Никица Мојсоска-Блажевски. „Македонија 2025“ е непрофитна и неполитичка организација со фокус кон економијата и поврзување со дијаспората за учество во генерирањето можности и капацитети за економски раст на државава.

На средбата, од дијаспората се поздравени храбрите чекори на премиерот Заев што ги отворија интеграциските процеси на нашата земја. Оценето е дека со тоа се отворени можности за поинтензивен економски развој, во што е изразен интерес поактивно да се вклучат и успешни личности во бизнисот од дијаспората.

На состанокот е соопштено дека дијаспората е заинтересирана да придонесе во тој процес со цел нови инвестиции во земјава, мотивирање на млади луѓе да работат во и со нашата држава, ангажирање искусни експерти за области што се од значење на Македонија.

Конкретно е разговарано за унапредување на соработката со „Македонија 2025“ во четири клучни области: странски инвестиции и иновации, поддршка во образованието во делот на развивањето критичко мислење и мотивирање на активизмот на младите луѓе, околу создавањето добра бизнис-клима за работа во нашата држава и придонес во делот на заштитата на животната средина.

Исто така, разговарано е и за можностите за вклучување на експерти од странство во областа на дигиталната технологија и обучувањето млади луѓе со дигитални вештини, што ќе им го олеснат вработувањето во државава и поврзувањето со светот.

Ова се дел од темите за коишто ќе се разговара и на Самитот на „Македонија 2025“ што се одржува во следните два дена во Скопје, а за коишто претставниците на организацијата добија поддршка од премиерот Зоран Заев да бидат активни и да се зајакне соработката, како со Владата така и со другите државни институции и со заинтересираниот приватен сектор во државава.