Претседателот на Владата, Зоран Заев, придружуван од заменикот на претседателот на Владата за економски прашања, Фатмир Битиќи, се сретна со Арис Влахос, претседател на Грчката бизнис-асоцијација во Скопје и со претставници од Асоцијацијата, во која членуваат големите грчки компании што работат во државата.

На средбата се изразени честитки за изборот на премиерот Заев и на новата Влада во земјата, на која се гледа како на двигател на евро-атлантските процеси на нашата држава и на билатералните односи помеѓу Република Северна Македонија и Република Грција.

На состанокот е разговарано за проширување на соработката помеѓу двете земји преку значително и ефикасно унапредување на економската соработка.

Целта е отворање можности за развој на компаниите и на економиите на двете држави за што постојат реални услови и во што може да даде свој придонес Грчката бизнис-асоцијација во Скопје. Во таа насока разгледани се и некои конкретни иницијативи, како што е реафирмација на иницијативата за избегнувањето двојно даночење како можност за придобивки за двете страни.

– Претстои период во кој граѓаните од нашите две држави ќе почувствуваат бенефити од зацврстените пријателски односи. Тоа е возможно преку економијата и активно ќе соработуваме со нашиот стратешки партнер Грција – рече премиерот Заев.

Заеднички е ставот дека е дојдено време кога граѓаните на Република Северна Македонија и на Република Грција ќе почувствуваат и економски бенефити по договорот од Преспа преку ефикасна соработка помеѓу компаниите и бизнис-заедниците од државите како на билатерално така и на регионално ниво.