Премиерот Зоран Заев ја почна дводневната посета на Германија со учество на свечениот годишен прием на Здружението за Источна Европа на германското стопанство.

Како почесен гостин на оваа свеченост Заев имаше свое обраќање на тема „Реформите во стопанството и општеството – Патот на Северна Македонија во ЕУ“ и зеде учество во панел-дискусијата со наслов „20 години од Пактот за стабилност за ЈИЕ – перспективите за регионална соработка“.

Во своето обраќање тој потенцира дека паралелно со политичките реформи, зајакнувањето на институциите и целосната демократизацијата на земјата, таа влегла посветено во создавање услови за економски раст и во создавање поволна клима за привлекување на интересот на странските инвеститори.

-Пред 10 дена добивме уште една, овој пат безусловна препорака за почеток на преговорите по поглавјата со ЕУ. Заедно со процесот за членство во НАТО признанијата се однесуваат и на нашите политички остварувања во добрососедската политика. Северна Македонија нема отворени прашања со соседите, а храбрите одлуки се наградени со признанието дека ние сме блескав пример во регионот- истакна Заев во својот говор на годишниот прием на Здружението за Источна Европа на германското стопанство во Берлин.

Како што информираат од владината прес-служба, премиерот посочил дека државата сега со право очекува позитивна одлука од Европскиот совет за почеток на преговорите со ЕУ по поглавја.

Секое друго решение негативно ќе се одрази на политичката ситуација во земјата и во регионот и ќе ги охрабри влијанието и интересот на трети страни во регионот-нагласил Заев, додавајќи дека одлагањето на позитивната одлука ќе ги забави реформите и ќе влијае негативно на економските трендови, кои во последните две години добиле нагорна линија.

-Владата на Северна Македонија ја прогласи 2019 за година на економијата и веќе постигна одлични резултати за да го потврди тоа. Минатата година ја завршивме со рекордни директни странски инвестиции во висина од 624,5 милиони евра. Во првиот квартал земјата постигна раст на БДП од 4,1 отсто за разлика од истиот квартал пред две години кога земјата беше во рецесија. Се отвораат нови работни места, а невработеноста за две години од 23 падна на 17,8 отсто“, ги информира премиерот Заев претставниците на германските компании од Здружението за Источна Европа на германското стопанство- посочи тој.

Заев додаде дека двесте компании со германски капитал вработуваат 20 илјади граѓани, а тоа е доказ дека нашата земја има европски стандарди за бизнис и дека самите германски компании во земјата се препорака за охрабрување на интересот на другите бизнисмени да инвестираат во Северна Македонија.

Од Владата информираат дека на дискусијата „20 години од Пактот за стабилност за ЈИЕ – перспективите за регионална соработка“ сите соговорници се согласиле дека Македонија како пример на успешни реформи и напредок во евро-атлантските интеграции е инспирација и за другите земји од регионот, кои очекуваат на земјата да ѝ биде определен датумот за почеток на преговорите по поглавја како охрабрување и за регионот.

Инаку, Заев вечерва се сретна и со генералната секретарка на Советот за регионална соработка на земјите од Западен Балкан, Мејлинда Брегу, а при посетата на Германија тој е придружуван од вицепремиерот задолжен за координација со економските ресори, Кочо Анѓушев.