Во предвидениот рок е реализирана втората фаза на „Проектот за наводнување на јужната долина на реката Вардар“, што за земјоделците значи намалување на трошоците за производство и предуслов за осовременување на агро-секторот. Станува збор за модерен систем за водоснабдување во земјоделството, кој е од витално значење за овој крај. Без правилно и рационално управување со водните ресурси и без современи системи за наводнување, не можеме да зборуваме за развиено земјоделство, рече премиерот Зоран Заев по повод изградбата на системот за наводнување со кој се обезбедува наводнување за вкупна површина од 2.150 хектари на територијата на Општина Валандово, а ги опфаќа населените места Удово, Јосифово, Калково и Пирава.

Вицепремиерот Љупчо Николовски рече дека севкупната инвестиција е над 24 милиони евра.

„Огромна инвестиција сметам дека треба да е пример за тоа како ние политичарите треба да постапуваме одговорно кон интересите на граѓаните, кон она што е наша обврска и што побрзо да создадеме сè подобри услови за земјоделците, особено за оние од овој регион коишто тоа го работат. Но, имавме и визија, не застанавме тука, туку уште тогаш работевме на она што денес, еве повторно, се гледа како реалност низ постапките, а тоа е одлуките кои Владата ги носеше за дополнителни 100 милиони евра за четири нови системи за наводнување. Денес сме сведоци на овој систем за наводнување кој го пуштаме во употреба, но ја имаме визијата и веќе Министерството и сите структури работат и на Јужно-вардарска долина трета фаза, и на Пепелиште и на Лисиче и на сите останати системи за наводнување за коишто верувам дека сведоци ќе бидеме во наредниот период“, рече Николовски.

Средствата на проектот се обезбедени 30% од Буџетот на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство и 70% во договор со Владата на Сојузна Република Германија, застапувана од Германската Развојна Банка (KfW), во форма на грант и на заем под поволни услови.