Претседателот на владата, Зоран Заев, денеска во Собранието одговараше на пратенички прашања. Меѓу другото, тој ги бранеше економските мерки, нагласувајќи дека владата ќе продолжи со успешното спроведување на мерките.

-Во јули имаме зголемен прилив на средства од Данокот на додадена вредност (ДДВ) за 15 милиони евра, повеќе од јули 2018 година. Во август месец имаме за 17 милиони евра поголем прилив од ДДВ и од акцизи. Септември и октомври за 20 милиони евра. Имаме 70 милиони евра поголема наплата само за четири месеци, што е огромен прилив за државата и ја отстранува сивата економија – рече премиерот Зоран Заев одговарајќи на пратеничко прашање во врска со досега преземените економски мерки во делот на борбата со сивата економија.

Тој додаде дека и мерката за супституирање на придонесите на плати, која стартува од први декември, е одлична мерка за отстранување на плаќањето на рака, во кеш на вработените.

-Ќе продолжиме со новите мерки коишто ги реализираме, а тоа е меѓу први и 15 од идниот месец, за првпат граѓаните добијат поврат на ДДВ и ќе бидат уште помотивирани бидејќи ќе видат дека пари се враќаат. Крајот на декември ќе биде воведена и наградната игра, утврдена со одлука на Влада за што ќе се мотивираат и побогатите, бидејќи како мотив за барање сметки, со што се намалува сивата економија ќе имаат шанса да добијат дополнителен приход од наградите вредни илјадници евра – оцени премиерот.

Тој додаде дека и податоците од здруженијата на Стопанските комори покажуваат дека борбата против сивата економија покажува резултати.

Тој информираше дека во октомври севкупното индустриско производство е пораснато за 4,2 отсто, а од почетокот на годината досега севкупното индустриско производство е пораснато за 5,4 отсто.

-Согласно сите тенденции ова и тоа како е економска година во државата. Заедно со реализирани претседателски избори во првото полугодие имаме раст од 3,6 отсто и сегашните индикатори, ни даваат за право да очекуваме дека третиот квартал ќе биде над 3,6 отсто. Сето тоа го таргетираме со проектирање од 3,8 отсто раст на БДП за идната година – рече Заев.