Премиерот Зоран Заев денеска во Кавадарци одржа состанок со здруженијата на лозари од Тиквешкиот регион во однос на откупните цени на грозјето, во услови на намалена побарувачка поради корона-кризата. Тој истакна дека Владата ќе помогне со цел да се ублажат последиците врз производството на грозје и врз винската индустрија.

Премиерот ги презентираше владините предлог-мерки за помош на лозарите и винариите, во делот на откупните цени и планираната поддршка, кои, како што информираат од Владата, бил позитивно прифатени од лозарите.

– Она коешто како заклучок го извлековме е дека со 4 денари државата ќе интервенира за вранецот и смедеревката, а со 2 денари ќе интервенираме за високосортното грозје. Дополнително остануваме на супституција на транспортот со 20 отсто на транспортните трошоци за наливното вино и 30 проценти супституција за флашираното вино. Ја отворивме и новата можност кон сите откупувачи да можат да откупат винско грозје и да го извезат како винско, за да ги намалиме количините со една стимулативна мерка. Тоа е ако откупат 12 милиони килограми сите заедно, тоа ќе го видиме на царинските декларации, ќе добијат 2 денари субвенција на тие 12 милиони килограми, ако се откупени и извезени надвор од државата помеѓу 12 и 25 милиони килограми ќе добијат 3 денари, ако откупат и извезат повеќе од 25 милиони килограми ќе добијат 4 денари субвенција. Целта е да стимулираме сето тоа што има како залихи брзо да се продаде надвор, а при тоа да има жед да се откупи она што е домашно производство – наведе премиерот.

При тоа, Заев посочи дека сите заеднички треба да придонесат во надминувањето на проблемите и упати апел до винариите да го почитуваат договореното, односно смедеревката да се откупува по 9 денари за килограм, а вранецот по 11 денари за килограм, а државата ќе го исполни ветеното за 4 денари субвенција.

Заев нагласи дека ќе се разговара и со винарската визба „Тиквеш“ и дека низ дијалог ќе се најде взаемно прифатливо решение.

Премиерот во Кавадарци беше придружуван од вицепремиерот задолжен за економски прашања Фатмир Битиќи и министерот за земјоделство, Арјанит Хоџа.