Експертите укажуваат дека во периоди кога буџетот е ликвиден и кога нема реализација на капиталните инвестиции, тешко можат да се оправдаат задолжувањата

Слабата реализација на капиталните инвестиции не е причина за забавување на плановите за задолжување на Владата. Иако последниве две години реализацијата на капиталните инвестиции се одвива со многу забавено темпо, задолжувањата, од друга страна, имаат нагорна линија, која според плановите на сегашната Влада, ќе ја надмине и границата од 50 проценти. Експертите укажуваат дека во периоди кога буџетот е ликвиден и кога нема реализација на капиталните инвестиции, не е јасно зошто продолжуваат задолжувањата.

Минатата година капиталните инвестиции беа реализирани само 65 отсто, додека оваа година во првите седум месеци Владата успеала да реализира само 24,5 проценти од планираните инвестиции. Поради намалената реализација на капиталните инвестиции, со ребалансот на буџетот од капиталните инвестиции се скратени 50 милиони евра, пари што се пренаменети за платите во администрацијата.

– Исклучително е проблематично што задолжувањето е на високо ниво, а средствата не се трошат за инвестиции во капитални проекти или, пак, во инвестиции што ќе резултираат со раст на економијата. Не може да се најде оправданост во континуитетот на задолжувањето, особено ако се има предвид дека оваа влада, во времето кога беше опозиција, ставаше акцент на тоа дека не може да има задолжување без поврат на средствата. Затоа сега, кога се на власт е уште поалармантно што го продолжуваат задолжувањето, без притоа да се вложува во капитални инвестиции – вели економистот Здравко Савевски.

Тој додава дека со планирањето на годинешниот буџет Владата имала простор да ги намали планираните расходи, кои се проектирани над ланските, и на тој начин, да се намали и задолжувањето, кое е наменето за таа цел.
– Владата наместо преку макроекономските политики да влијае врз економијата, го префрла товарот врз следните генерации и оди на сѐ поголема задолженост. Ако досега бевме средно задолжена земја, сега власта тоа го третира како дозвола за уште поголема задолженост и наскоро ќе нѐ внесе во групата на високо задолжени држави – коментира Савевски.

Економските експерти, исто така, појаснуваат дека ниската реализација на капиталните инвестиции е резултат на лошо планирање на буџетот, каде што тие се проектирани многу високо, а потоа со ребаланс се кратат.
– За да има целосна реализација на капиталните инвестиции, во првото полугодие треба да бидат реализирани најмалку 35 отсто од планираните инвестиции. Минатата година беа реализирани само 65,5 отсто од инвестициите. Во изминатата деценија стапките на реализација се движеа меѓу 70 и 87 отсто – вели економистот Никола Поповски.

Освен тоа, неколку универзитетски професори, кои во оваа пригода инсистираа на анонимност, укажуваат дека веќе немаат доверба во податоците од државните институции и дека истите тие честопати се дури и контрадикторни меѓусебно. Тие напоменуваат дека ако на државно ниво не се расчистени податоците, тогаш е невозможно да се има точен увид во состојбите и да се прават идни планови. Она што е заедничко е што сите укажуваат на контрадикторноста во оваа ситуација, дека кога има слаба реализација на капиталните инвестиции, нема оправдување за задолжувањата.

Последното задолжување од Министерството за финансии го објаснуваа како однапред испланирано во буџетот за годинава. Годинава на домашниот пазар Владата максимум може да се задолжи до 150 милиони евра. Од министерството велат дека со средствата од аукцијата на државни хартии од вредност ќе се покривале достасани долгови, а другата половина ќе покрива буџетски потреби. Но нема детални податоци каде точно ќе завршат овие пари.

– Нето-задолжувањето преку државни хартии од вредност изнесува 58,8 милиони евра, а планирани се 150 милиони евра со буџетот за 2019 и со одлуката за утврдување на максималниот износ на ново задолжување преку ДХВ за 2019 година, донесена од страна на Владата – кажаа од министерството.
Владата, покрај реализираните скоро 62 милиони евра државни записи, овој месец уште еднаш ќе се задолжи на 24 септември, а месецов ќе врати долг во висина од 47 милиони евра.

Иако се ветуваше намалување на долгот, истиот тој повторно доби нагорна линија, но особено проблематично е што во иднина тој ќе биде уште поголем. Владата најави дека ќе го зголеми јавниот долг на 51,7 отсто од БДП до крајот на годинава, а в година тој треба да достигне 52,3 проценти од БДП.
Во последните извештаи, Европската комисија и Светска банка ѝ препорачаа на Владата да ги консолидира финансиите, да внимава како ги троши јавните пари и да ги реализира капиталните инвестиции.
Последните податоци на Министерството за финанси за јавниот долг, заклучно со 30 јуни 2019 годинава, велат дека државниот долг достигнал 38,4 отсто од БДП, додека, пак, јавниот е 46,6 проценти.