Поправка на железничкиот мост кај Стоби - Фото: Маја Јаневска-Илиева

Транспортниот сектор во Македонија е ограничен од повеќе аспекти. Освен патниот сообраќаен превоз, кој е за нијанса поразвиен од другите типови транспорт во државава и преку кој се транспортира најголем дел од патниците и стоката во нашата држава, другите типови транспорт се во многу лоша состојба. Првенствено како пример е железничкиот превоз, кој е во очајна состојба. Рака на срце, освен за домашни потреби и тоа генерално за превоз на патници до неколку поголеми градови, тешко дека ќе најдеме денес пруга што е во функција на економијата

Петранка Огнаноска
Катерина Панчевска

Република Македонија се карактеризира и со атрибутот – мала и отворена економија. Таквиот атрибут меѓу другото означува дека како таква, таа е под директно влијание на надворешни ризични фактори. Нашиот весник почна со анализа на состојбите во неколку економски сектори, со која ги посочуваме најголемите повеќедецениски проблеми во нив, но и можните решенија и начини како тие да станат развојни економски гранки. Институциите и стручните советници со кои контактираше „Нова Македонија“, посебно за секој сектор, нагласија дека Македонија мора да продолжи со структурни реформи, додека дефинитивно се најде на патот кон одржливиот развој, со конкурентно стопанство. Зголемувањето на конкурентноста на македонските компании, несомнено е главниот предизвик и приоритет на економската политика, при што растот на конкурентноста на приватниот сектор треба да се бара во рамките на друг развоен модел на македонската економија. Во првото продолжение, го ставивме акцентот на земјоделството и на текстилната индустрија, додека во денешното издание ќе му се посветиме на транспортот. Во следното издание на „Нова Македонија“ просторот ќе им биде посветен на енергетиката, градежништвото и на металургијата.

Без развиен и сигурен транспорт нема раст на економијата

Транспортниот сектор во Македонија е ограничен од повеќе аспекти. Освен патниот сообраќаен превоз, кој е за нијанса поразвиен од другите типови транспорт во државава и преку кој се транспортира најголем дел од патниците и стоката во државава, другите типови се во многу лоша состојба. На пример, железничкиот превоз е во очајна состојба. Рака на срце, освен за домашни потреби и тоа генерално за превоз на патници до неколку поголеми градови, тешко дека ќе најдеме пруга денес што е во функција на економијата. Иако железницата е изградена кон Србија и кон Грција, од неодамна превозот кон нашиот јужен сосед е во прекин, поради што македонските компании трпат огромни загуби. Железницата кон Грција е една од најкористените, бидејќи овозможува директна поврзаност со Солунското пристаниште, кое, пак, е од огромно значење за домашната економија. Железничката пруга кон Бугарија и кон Албанија сѐ уште не е комплетирана и иако се правеа неколку студии за нејзина доизградба, далеку сме од поврзување со овие соседи. Од друга страна, речен и езерски сообраќај воопшто немаме, единствено авионскиот во последниве години зема замав благодарение на нискобуџетните линии, но пред сѐ за превоз на патници.

– Македонските превозници се соочуваат со голема внатрешна и меѓународна конкуренција во рамките на европскиот транспортен пазар. Преку патниот сообраќај се извршуваат над 95 отсто од севкупниот превоз на стока во меѓународни рамки. Домашните производни и трговски капацитети се директно поврзани со превозот на нивниот репроматеријал или готови производи за да можат навреме да стигнат до крајниот корисник, а притоа да се овозможи најниска цена на превоз по единица производ, односно производите во свежа состојба, како на пример јагниња, овошје, зеленчук и друго, брзо и без големи застои да стигнат до конечните дестинации, и притоа да не губат од вредноста на производот поради доцнење на пратката или нејзино расипување – вели Билјана Муратовска, од асоцијацијата „Макам-транс“.
Таа посочи дека досега како репрезентативен претставник на превозниците во Македонија, од асоцијацијата биле доставени до сите влади барања за забрана за увоз на товарни моторни возила со понизок еуро стандард од еуро 6.

– На нашиот пазар има возила што се постари и од 30 години и претставуваат 51,94 отсто од вкупниот возен парк за превоз на стока. На овој начин ќе се подобри структурата на возниот парк на територија на цела држава, а со тоа ќе се влијае и врз зачувување на животната средина и безбедноста во сообраќајот – додава Муратовска. Таа, за подобрување на состојбите во транспортниот сектор, предлага да се врати изучувањето на насоката „возач“ во средните училишта, за да се намали недостигот од професионални возачи. Проблемот, како што посочува, е присутен во сите држави во Европа, поради што има големи миграции на возачите, а плус состојбата може да се влоши поради фактот дека до крајот на 2025 година се очекува на ниво на Европа во пензија да одат над 2.000.000 возачи. Исто така бараат намалување на трошоците за сите документи што треба да ги имаат шоферите како картичка за тахограф, АДР-картички, СПК на возач, односно код 95, кој може да се евидентира и во возачката дозвола, која е усогласена со европското законодавство и слично.

– Предлагаме усогласување со европското законодавство во однос на поврат на дел од акцизата што се плаќа за погонското гориво и се однесува на превоз на стока и на патници и директно влијае на транспортните трошоци, а истата таа е услов за поврат на дел од акцизата и од другите држави-членки на ЕУ. Потоа потпишување спогодба за укинување на надомест за патна такса во Германија, Италија и други држави бидејќи наплатата за патна такса на странски превозници во Република Македонија е укината во 2009 година и потребно е да се побара реципрочен третман и за македонските превозници – додава Муратовска.

Се бара укинување на бариерите за побрз проток на стока и патници на граничните премини во нашата држава со пренесување поголем број ингеренции на внатрешните инспекциски контроли. Потоа почитување на работно време и времето на возење, безбедноста на товарот, поседување транспортни документи и потребни документи за возилата и возачите. Инволвираните бараат почести контроли од транспортните инспектори, сообраќајната полиција и царинските органи за сузбивање на нелојалната конкуренција, која е во подем, како од странски така и од домашни нелиценцирани превозници односно диви превозници.

– Генерално сферата на превозот е маргинализирана и многу малку се преземаат мерки за воспоставување еднакви услови за работа, помош и поддршка за развој на овој оддел, кој претставува крвоток на државата и директно учествува во работењето на стопанските и на нестопанските дејности. Исто така врската со другиот дел на Европа, односно до европските пазари е преку превозниците. Потребно е да се спроведат соодветни законски решенија, постапки и мерки што би им помогнале на превозните трговски друштва, кои пред сѐ се микро и мали трговски друштва, да опстојат во своите напори да овозможат одржлив раст и развој што мора паралелно да се движи со растот и развојот на севкупната економија во нашата држава – истакна Муратовска.

Железничкиот транспорт тежишно треба да е во функција на економијата

Како што споменавме, железничкиот превоз кон Грција, кој беше и една од најискористените дестинации од македонската економија, поради што имаше огромно значење за бизнис-секторот, денес веќе не е во функција. Ова, секако, е огромен товар за македонските компании, кои поради прекинот на превозот со железница кон Солунското пристаниште трпат огромни загуби.

На јавноста веќе ѝ е познато дека поради попуштените бетонски столбови на еден од железничките мостови на Црна Река кај локалитетот Стоби, целосно е прекинат железничкиот транспорт од Велес кон Гевгелија и кон Грција.
Според упатените, први на удар ќе бидат металуршките компании, кои најмногу зависат од железницата, а покрај нив, и „Македонски железници-транспорт“ ќе има големи загуби поради неиспораката на договорената стока.

Од компаниите велат дека последиците и загубите ќе се сумираат кога ќе заврши целата „голгота“ со железничката линија кон Солунското пристаниште, но истакнуваат дека ќе имаат драстично зголемени трошоци за достава на своите нарачки до купувачите и, секако, ќе има доцнење со нивната испорака, со што компанијата ќе претрпи огромни загуби.

Од металуршките компании истакнаа дека дури се доведува во прашање и самото работење на компаниите, бидејќи не можат да обезбедат дотур на суровини, а со тоа не можат ниту да ги исполнат обврските кон купувачите.
Од Стопанската комора на Македонија посочија дека секој застој на товарниот сообраќај што оневозможува навремена испорака на стоки до крајната дестинација, од која било причина, претставува значителен проблем за планираното тековно работење на компаниите што редовно имаат извозно-увозни активности и негативно се одразува на стопанството во целина.

– Доколку се оддолжи санацијата, негативни последици ќе имаат пред сѐ компаниите од металуршкиот сектор, кои поради природата на производите не можат во целост да најдат замена за железницата. Не ќе може навремено да се превезе суровината што компаниите ја набавуваат за производствениот процес, а проблем ќе биде и навремената испорака на готовиот производ, кој е планирано да се извезе за потребите на клиентите од странство. Нарушувањето на динамиката на транспорт е можно да услови и плаќање пенали за задоцнета испорака, со што трошоците на компаниите дополнително се зголемуваат – додаваат од комората.

Атрактивноста на Коридорот 10 е од големо значење, бидејќи со попречување на товарниот транспорт се губи и од транзитните товари што се реализираат преку овој коридор, со што и државата губи одреден финансиски надомест. За да не се изгуби ваквата атрактивност, важно е редовно да се вложува во обнова и реконструкција на железничката мрежа. Во спротивно, од комората посочуваат дека стоката што се превезува и од Македонија и за потребите на Македонија, а особено онаа што е во транзит, која ќе оди преку пругата во Бугарија, од економска и од финансиска гледна точка не е поволна за нашата земја.

Кога е оневозможен превоз со железница, се наметнува потребата од користење на камионскиот превоз, кој не секогаш од трошковен аспект е поволна опција, но уште попроблематично е што тој не може да одговори на сите потреби на компаниите.
Оваа железничка делница има огромно значење за македонската економија бидејќи е единствената железничка точка за поврзување со Солунското пристаниште, кое претставува главна транзитна дестинација за македонскиот извоз. Пристаништето е со вкупна површина од 1,5 милион квадратни метри, а низ него во 2017 година поминале 3.569.045 тона стока, од кои повеќе од една четвртина е стока наменета за увоз и извоз во Република Македонија. Од вкупниот број контејнери изработени во пристаништето во Солун за Македонија се наменети приближно 7 отсто.

– Овие бројки неоспорно говорат за стратегиската позиција на пристаништето, како традиционално најискористена морска меѓународна врата преку која се реализираат меѓународните зделки. Во изминатите години, особено соочени со проблемите на блокадите и штрајковите, кои го оневозможуваа користењето на пристаништето, македонското стопанство се обидуваше да најде и други опции (Бургас и Варна во Бугарија, Драч во Албанија, Бар во Црна Гора), но сите инфраструктурни, технички и економски аспекти сѐ уште ги прават овие опции помалку исплатливи алтернативи – кажа претседателот на Стопанската комора на Македонија, Бранко Азески.

Тој истакна дека секој ден од прекинот на можностите за користење на Солунското пристаниште, за македонското стопанство се мери во илјадници евра загуби. Со прекинот на железничкиот сообраќај особено е засегнат металуршкиот сектор, кој поради габаритот на производите има ограничени опции за алтернативен товарен транспорт. Затоа, истакнува Азески, се надеваме дека во најкраток можен рок ќе бидат вложени сите напори за да се санира овој дефект и да се обезбеди непречен транспорт на овој коридор, а останува предизвикот на долг рок да се оспособат и другите алтернативи по должината на Коридорот 8.

(Продолжува)