Предупредувањето на „Епл“ до инвеститорите за предвиденото намалување на продажбата во Кина, доведе до значителни финансиски загуби за технолошкиот гигант, но сугерира и на постоењето на подлабок проблем за компанијата, пренесува британскиот медиумски сервис Би-би-си. 

Продажбата на ајфонот опаѓа додека „Епл“ се соочува со жестока конкуренција во најмногубројната светска држава, со што познавачите на состојбата посочуваат дека американската компанија треба да создаде нови можности за развој.

Кинеската економија забавува чувствувајќи ги ефектите од трговската војна со САД, што претставува проблем за „Епл“, бидејќи околу 15 отсто од неговите приходи доаѓаат од кинескиот пазар. Извршниот директор Тим Кук посочи дека Кина е во средиштето на проблемите со продажбата, во писмо до инвеститорите, додавајќи дека компанијата „не го предвидела значајот од економското забавување“ во азиската држава.

„Епл“ очекува приход од 84 милијарди долари за тримесечјето согласно со декември минатата година, што е помалку во однос на предвидувањата што изнесуваа помеѓу 89 и 93 милијарди.

Тргувањето со акциите на „Епл“ на берзата, беше запрено на неколку часа пред објавување на писмото на Кук, по што нивната вредност опадна за осум отсто кога тргувањето продолжи. Ваквата ситуација резултираше со загуба од 55 милијарди долари од вредноста на акциите.

Во изминатите неколку години „Епл“ одговори на опаѓањето на продажбата со зголемувањето на цените на апаратите, а најави и дека ќе престане со објавување на податоците за продажбата.