Фото: Маја Јаневска-Илиева

Додека едни експерти објаснуваат дека процесот на создавање и гаснење на фирмите е фреквентен и динамичен и е знак дека пазарот функционира, освен во случај кога доминира гаснење на фирмите, што значи нестабилност на економијата, други сметаат дека оваа состојба е загрижувачка

Од 71.419 активни фирми во Македонија, 7.888 остварувале годишен промет а немале вработени. Иако најголемиот број од фирмите со ниту еден вработен се мали фирми, меѓу нив има и големи компании, кои, и покрај тоа што немаат вработени, остваруваат големи приходи и профити. Најголем број фирми без работници се од трговијата – 1.859, а без ниту еден вработен се и 1.407 фирми од услужната дејност, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика. Станува збор за фирми со нула вработени, создадени само од управител, кој, според категоризацијата на Заводот за статистика, не се смета за вработен.

Експертите имаат поделени мислења за оваа состојба. Некои од нив сметаат дека во земјава постојано има одреден број фирми што се раѓаат и гаснат и токму поради тоа се без вработени. Според нив, кога во економијата процесот на создавање и гаснење на фирмите е фреквентен и динамичен, тоа е знак дека функционира пазарот, освен во случај ако голем број фирми постојано се гаснат, што значи нестабилност на економијата. Другите, пак, сметаат дека оваа состојба е загрижувачка.

Формирањето фирма без вработени е во согласност со македонските закони. Во Законот за трговски друштва и другите закони што го регулираат работењето на фирмите во Македонија не постои никаква обврска за тоа дека фирмата што се основа мора да има и вработени. Законите во Македонија дозволуваат во која било област да се регистрира фирма со нула вработени.

– Законот за трговски друштва дозволува фирмата да нема вработени, единствено треба да има управител што ќе ја претставува фирмата – велат од Централниот регистар на Република Македонија.

Инаку, основањето фирми без ниту еден вработен е дозволено во сите земји и најчесто се работи за консултантски, услужни и трговски фирми.

Управителка на фирма за авторски договори во Скопје вели дека сама си отворила фирма, во која наедно е и управителка и единствената што работи таму. Таа вели дека засега има работа колку за неа, па затоа и не го шири бизнисот и не вработува други луѓе. Некои компании, пак, намерно ги држат вработените како хонорарци, за да не плаќаат големи трошоци, а управителите се единствените што се водат како вработени.

Ангел Димитров, претседател на Организацијата на работодавци на Македонија, вели дека овие фирми почнале да се јавуваат веднаш по приватизацијата и либерализацијата на економијата.
– Некои сопственици регистрираат фирми за да им се најдат, а некои се регистрирани за еднократна употреба. Сложената постапка за нивно бришење е причината за зголемување на нивниот број – смета Димитров.

Тој додава дека одржувањето на овие фирми на пазарот е резултат на слабите контроли и на прогледувањето низ прсти од страна на инспекцијата.

– Многу такви фирми намерно ги држат вработените како хонорарци, но тоа не би било можно ако се почитува одредбата од Законот за работни односи дека со договор за дело не може да се вршат работи од основната дејност на фирмата. Сметам дека состојбата не е загрижувачка, но мора и овие фирми да се стават во законските норми, инаку ќе им бидат нелојална конкуренција на другите компании – истакна Димитров.

Некои бизнисмени сметаат дека кога би се вовел закон каде што сопственикот, имателот, директорот или компанијата мора да има вработени, тогаш тоа би влијаело и на намалување на нелојалната конкуренција кај малите, големите и средните компании. Претседателот на Конфедерацијата на бизниси на Македонија, Миле Бошков, објаснува дека оваа состојба е загрижувачка.

– Оваа состојба не е од социоекономска природа и е спротивна од слободната пазарна економија. Доколку продолжи да се развива, целата ситуација може да доведе до безредие и непочитување на социоекономските закони – вели Бошков.

Според него, проблемот пред сѐ е во свеста на сопствениците на тие фирми и на оние што одлучуваат во нив.

– Ова не е сигнал на здрава економија, пред сѐ е сигнал на изигрување на постојните закони за водење бизнис во Македонија и на некој начин е дел од сивата економија – вели Бошков.

Тој додава дека постојат разни начини на функционирање на фирмите во слободната пазарна економија и дека најважно од сѐ е дали тие ги почитуваат или ги изигруваат законите, како и дали на долг рок фирмата има перспектива за пораст или е од краток рок, односно за „специјална“ употреба.

Фото: Маја Јаневска-Илиева