Полскиот премиер Матеуш Моравјецки беше избран за „Личност на годината“

Со свечена гала-вечера денеска ќе заврши најголемата економска конференција во Централна и Источна Европа, којашто три дена се одржуваше во малото гратче Криница-Здруј во Полска, познато по зимските спортови скијање и хокеј на мраз, но и по прекрасните планински пејзажи.

На форумот учествуваа повеќе од 4.500 гости, политичари, шефови на држави, економисти, експерти, научници, бизнисмени од целиот свет.

Економскиот форум, кој годинава се одржа по 29. пат, почна со дискусија за економијата, за здравствената грижа, како и со презентација на економскиот форум и Варшавското училиште за економија, меѓутоа се редеа околу 200 панел-дискусии.

Синоќа на полскиот премиер Матеуш Моравјецки му беше и свечено доделено признанието „Личност на годината“.

Една од носечките теми годинава беше насловена „Мисли иновативно“.

Мисијата на форумот е да создава поволна клима за развој на политичка и економска соработка помеѓу земјите-членки на Европската Унија и нејзините соседи.