Заблуда е дека земјоделството и сточарството се одлика на економски заостанатите земји

Економска стратегија за нова структура на стопанството

Пред Втората светска војна, во тогашна Вардарска Бановина, сегашна Република Македонија, земјоделството и сточарството беа главни стопaнски дејности. По војната се пристапи кон развој на индустријата, кој беше детерминиран од илузиите на политиката, науката и образованието дека Македонија е мошне богата со природни богатства, односно со големи минерални и енергетски ресурси. На основа на ваквите илузии се пристапи кон форсиран развој на индустријата, со истовремено запоставување на земјоделството и сточарството како традиционални стопански дејности.

Развојот на индустријата се вршеше на основа на познатиот економски модел на Ленин за индустријализација, со тежиште на екстрактивната и тешката индустрија. Ваквата определба на македонските политичари и економисти беше не само поддржана туку и стимулирана од поразвиените југословенски републики, кои беа заинтересирани Македонија да им служи како суровинска база. Додека Македонија беше преокупирана со отворање нерентабилни рудници и изградба на мошне скапи металургиски капацитети, Словенија, која секогаш имала способни државници визионери, се определи за изградба на мали фабрики во секоја населба, кои произведуваа потрошувачки стоки за потребите на 22 милиони жители во Југославија и за светскиот пазар. Ваквата апсурдна економска стратегија придонесе во Македонија да се изградат голем број нерентабилни индустриски мегапроекти, од девастирање на повеќе рурални средини, поточно опустошување голем број села, до енормно загадување на животната средина и до запоставување на земјоделството и сточарството, што, пак, доведе Македонија да стане голем увозник на храна. Дефинитивно треба да се расчисти со заблудата дека земјоделството и сточарството се одлика на економски заостанатите земји. Во вкупниот промет во светот, храната се наоѓа на прво место, а на второ место е фармацијата, така што шансата за развој и за извоз би требало да се бара во производството на потрошувачки стоки и производството на храна. Холандија во последните неколку години извезува храна во вредност од околу 80 милијарди евра годишно.

Како големи извозници на храна се јавуваат и Данска, Белгија, Германија и други високоразвиени земји. Македонија има долгогодишни традиции во производството на земјоделски и сточарски производи и, наместо да биде нивен значаен извозник, таа се јавува како голем увозник на храна. Добро би било компетентни експерти за аграрното производство да изработат стратегија за унапредување на производството на храна (формирање задруги и сл.). За унапредување на прометот и извозот на земјоделски и сточарски производи, треба да се воспостави соодветна организација. Колку е битна организацијата на прометот со земјоделски производи ќе го наведам случајот со пласманот на цвеќе на американскиот и на странските пазари. Цвеќето што се произведува во Калифорнија (САД) го пласираат холандски компании не само на американскиот пазар туку и на светските пазари, бидејќи САД немаат организација за пласман и за извоз на цвеќе. Неодамна некои македонски медиуми објавија информација дека некоја ИТ-компанија од Дебар (Македонија) врши пласман, поточно дистрибуција на пици во САД.

Наместо по секоја цена да ја одржува постојната стопанска структура, Македонија треба да пристапи кон подготвување и примена на економска стратегија што ќе биде насочена на создавање нова извозно ориентирана стопанска структура. Во повеќе наврати пишував за идеална економска стратегија, која би била насочена на развој на оние стопански дејности за кои постојат домашни ресурси, која би била насочена на развој на производство за извоз, која, по единица производ или БДП, би трошела минимално количество енергенти, која би вработувала поголем број работници и која не би ја загадувала околината.

Зачудува нихилизмот на македонските политичари и економисти кон меѓународните корпорации. Желбата за привлекување странски инвестиции придонесува за неконтролирано работење на меѓународните корпорации, што води кон избегнување на плаќањето даноци на нашата држава, нередовни плати на работниците и неисполнување на обврските кон другите доверители, така што на крајот дубиозите од работењето на меѓународните корпорации, по нивното повлекување од нашата држава, паѓаат на товар на македонскиот буџет, односно на товар на македонските граѓани!

Практично, сите македонски премиери практикуваат чести средби со истакнатите бизнисмени, кои се залагаат за политики на Владата што би биле во интерес на нивните компании. Ваквата практика води кон конзервирање на постојната крајно неповолна структура на македонското стопанство. Нималку не е случајно тоа што Македонија има најниска стапка на развој на економијата не само во регионот туку и пошироко. Наместо да води сметка за одржување на проблематичните мегапроекти, македонската влада би требало да подготви нова економска стратегија, која би била насочена кон производство на стоки за потрошувачка за домашниот пазар и за извоз на странските пазари.

На крајот би сакал да нагласам дека целосно сум свесен оти ставовите и мислењата изнесени во написов нема да им се допаднат на економските субјекти што се заинтересирани за задржување на постојната структура на македонското стопанство.
Целта на написов е да ги поттикне токму овие субјекти да размислат за причините поради кои македонската економија не може(ше) да пркне ни во времето на социјализмот ни во времето на самостојна Македонија. Излезот од ваквата состојба би требало да се бара во постепената ликвидација на нерентабилните мегапроекти и во релокација на капиталот во производството на потрошувачки стоки и храна.

авторот е поранешен дипломат