Компанијата Еуромакс Ресоурцес, концесионер на проектот Иловица – Штука, пред речиси 200 жители од општините Босилово и Ново Село ги претстави економските придобивки и мерките за заштита на животната средина и на здравјето на луѓето предвидени во проектот за рудникот Иловица-Штука. Со тоа Еуромакс продолжува со континуираните информативни средби со жителите од двете општини за постигнување заедничка согласност за отворање на рудникот Иловица – Штука.

На средбата во Струмица присуствуваа жители од селата Иловица, Штука, Еднокуќево, Сушица, Радово, Зубово, Турново, Ново Село и Секирник, при што се запознаа со потенцијалот на проектот Иловица – Штука како дел од определбата на компанијата за транспарентност во работењето. Присутните беа заинтересирани за еколошките мерки што се предвидуваат со проектот, евентуалното влијание на рудникот и инфраструктурата врз селата, како и влијанието врз економијата. Особен интерес присутните покажаа околу работните места кои ќе ги овозможи рудникот, како и можностите за обука и едукација за високо квалификувани позиции.

„Среќни сме дека воспоставуваме конструктивна комуникација со жителите. Импресионирани сме од големиот број на присутни на вчерашната средба, дојдоа во значително поголем број од планираното. Тие покажаа голем интерес за нашиот проект и придобивките кои ги носиме. Сакаме да им објасниме дека нивното мислење ни е од голема важност за успешноста на проектот. Ќе продолжиме да одржуваме отворена комуникација со жителите, невладиниот сектор и со институциите во Македонија. Уште еднаш сакам да истакнам дека одржуваме постојана комуникација со локалните власти, со надлежните институции и со Владата. Работиме на спроведување на сето она што беше договорено на последната заедничка средба во јули“, вели Варшан Гокул, извршен директор на Еуромакс Ресоурцес.

Еуромакс ги повикува сите засегнати страни, вклучувајќи ги и граѓанските организации, да разговараат и да се информираат за овој рудник на можности, се вели, меѓу другото, во официјалното соопштение за средбата.