Фото: Маја Јаневска-Илиева

Надлежните институции задолжени за одржувањето на водоводниот систем и оние за проверка на квалитетот на водата уверуваат дека водата за пиење во Маврово и околните села е безбедна за консумирање, но граѓаните не сметаат дека е така…

Без вода за пиење по неколку дена во неделата, но и со сомнеж за нејзиниот квалитет и безбедност ни се пожалија жителите на мавровскиот регион. Граѓани што живеат во Маврово се јавија во редакцијата на „Нова Македонија“ и посочија дека во последниве месеци зачестиле проблемите со водата за пиење. Сепак, тоа не беше најголемиот проблем, туку, како што тие истакнаа, по изградбата на две хидроцентрали на водоснабдителниот систем од кој добиваат вода за пиење, се сомневаат во нејзиниот квалитет и посочуваат дека сега се чувствуваат принудено да купуваат амбалажирана вода.

– Некогаш ја пиевме најубавата и најчиста вода во земјава. Денес купувам вода. Замислете да купуваат вода луѓе што живеат во земја со изобилство вода. Наводно водата за пиење е безбедна, но јас не се чувствувам така, па сега си купуваме амбалажирана вода – вели револтиран жител од Маврово.

Претставниците, пак, на надлежните институции задолжени за одржувањето на јавниот водоводен систем, но и оние задолжени за проверка на квалитетот на водата, уверуваат дека водата за пиење во Маврово и околните села што добиваат вода од јавно претпријатие за комунални дејности „Маврово – Маврови анови“ е безбедна за консумирање.

– Во последнава година и пол, откако сум на раководно место во јавното претпријатие, не се случило граѓаните да немаат вода за пиење повеќе од три часа. Во ниеден случај два-три дена. Штом настане каков било проблем, нашите екипи се на терен, за да се санира проблемот и граѓаните што побрзо да добијат вода. Исто така гарантирам дека водата е безбедна за пиење, редовно се прават сите потребни контроли и испитувањата покажуваат дека таа е според сите стандарди за пиење – вели Александара Матеска, директорка на ЈПКД „Маврово“.

Директорката признава дека се случуваат проблеми и со хидроцентралите што биле изградени на водоснабдителниот систем и дека тие веднаш алармираат за да се надминат проблемите и граѓаните побрзо да добијат вода за пиење. Во одредени ситуации, ако има потреба, дури им помагаат на сопствениците на хидроцентралите за проблемите побрзо да бидат надминати.

– Наспроти моето мислење во ефектот на хидроцентралите врз водоводниот систем, сепак, нивното постоење е состојба што јас ја наследив со доаѓањето на оваа позиција. Според договорот, нивна обврска е од изворот до хидроцентаралата да го одржуваат системот и да пуштаат чиста вода за пиење. Во текот на минатата година почесто имавме проблеми со водата, но ние ја чистевме и до граѓаните и корисниците стигнуваше чиста и пивка вода. Сепак, поради честите проблеми им беше наредено на сопствениците на хидроцентралите да постават филтри и да ни пуштаат чиста вода за пиење како што стои во договорот – додава Матеска.

Директорката исто така појасни дека и кога има проблеми на хидроцентралите, тие се надминуваат за краток период и дека со сигурност не се случило да нема вода за пиење повеќе денови. Таа исто така додаде дека доколку сопствениците на хидроцентралите не го почитуваат договорот и не постават филтри, во иднина ќе размислуваат и за санкции, па и за други законски решенија.

– Јас гарантирам дека водата е безбедна за пиење. Редовно се земаат мостри од повеќе локации и тие се со потребниот квалитет. Граѓаните нема за што да бидат загрижени – истакна Матеска.

Претставникот, пак, на Центарот за јавно здравје, подрачна единица Гостивар, посочува дека на секои три месеци редовно се земаат мостри од седум локации низ кои поминува овој водовод, но и од јавни чешми и бунари во тој регион.

– Се земаат мостри од седум локации до кои обезбедува вода јавното претпријатие и се испитува водата. Доколку се појави проблем, се препорачува да се хлорира водата, а додека трае прочистувањето исто така се дава препорака да не се пие водата.

Проблем со водата за пиење во регионот периодов не сме имале, но не се исклучува да се појави, затоа и се прават редовни контроли. Во периодот кога има повеќе посетители во регионот се зголемува бројот на мостри што се земаат и почесто се прават контроли – појасни Берун Мустафа од центарот за јавно здравје ПЕ Гостивар.

[email protected]