Додека скакулците што се во огромен број се шират во одредени делови на Кенија, што се смета за една од најголемите наезди на инсекти во изминативе 70 години, мали авиони летаат ниско над погодените области за да прскаат со пестициди, за кои експертите велат дека се единствена ефикасна мерка.
Министерството за земјоделство во Сомалија, во неделата, наездата на скакулци ја прогласи за вонредна состојба и голема закана за кревката безбедност на храната во земјата, истакнувајќи дека „невообичаено големите“ роеви скакулци напаѓаат огромни количества земјоделски култури.

Во огромни групи што достигнуваат големина на еден поголем град, скакулците веќе погодија делови од Судан, Џибути и Еритреја, чии министерства за земјоделство соопштија дека и војската и цивилите се распоредени да се борат против нив.
Скакулците, исто така, ќе ја погодат и Етиопија, земја што важи за најголем производител на лебно жито и наедно втората најнаселена земја во Африка. Ова е најсериозната наезда на штетници со која нацијата се соочила во последните 25 години.

Во четвртокот, исплашените жители на главниот град на Етиопија, Адис Абеба, пријавиле дека овие инсекти ги има и во нивата околина.

Инсектите исто така ги нападнале Индија и Пакистан, каде што владата прогласила вонредна состојба.

Поволните временски услови и задоцнетите реакции од владите им овозможуваат на скакулците да се размножуваат, но и да ги напаѓаат земјоделските култури.
Нивниот потенцијал за огромно уништување земјоделски продукти ги поттикнува стравовите кај граѓаните за намалување на производството на храна.