Фото: Маја Јаневска-Илиева

Најголема разлика на пазарот на трудот постои во стапката на активност, при што се активни само околу 43 отсто од работоспособните жени, додека таа стапка кај мажите изнесува 67 отсто, а висока разлика помеѓу нив постои и во стапката на вработеност, која кај жените изнесува 38 отсто, а кај мажите 56 отсто

ВО 21 ВЕК, КОГА НАСЕКАДЕ СЕ ПРОМОВИРААТ ЕДНАКВИ ПРАВА И МОЖНОСТИ

Стереотипи при вработувањето и поделба на машки и на женски професии, потешко добивање високи раководни функции на жените, пониски плати од оние кај мажите се дел од проблемите со кои, според упатените, но и според одредени статистики, константно се соочуваат жените во Македонија. Иако во последните години во Македонија се забележува намалување на родовиот јаз за речиси десет процентни поени, сепак тој сѐ уште е висок, а ниското учество на жените на пазарот на трудот се истакнува како еден од главните притисоци со кои тој се соочува.

Речиси 90 отсто од светската популација сѐ уште има предрасуди за работниот ангажман на жените

Но и покрај впечатокот дека Македонија е конзервативна и традиционална средина во однос на ова прашање, Програмата за развој при ООН (УНДП) објави студија, која покажува дека речиси 90 отсто од светската популација сѐ уште има предрасуди кон жените кога станува збор за нивниот работен ангажман. Според студијата, мислењето дека мажите се подобри политички лидери или директори на компании од жените, дека студирањето е поважно за мажите отколку за жените, но и дека мажите треба да имаат приоритет на пазарот на трудот кога понудата на работни места е слаба, го делат девет од десет лица во светот. Следствено на тоа, последните податоците на Агенција за вработување за мај годинава покажуваат дека во земјава имало 70.505 невработени мажи и 72.885 невработени жени, додека, пак, машки лица што бараат работа се 27.906, а жени 28.822. И податоците на Државниот завод за статистика покажуваат дека вкупното активно население во првото тримесечје за оваа година изнесува 967.733, од кои мажи се 577.286, а жени 390.447.

Континуирано инфериорна положба на пазарот на трудот

Деспина Туманоска, програмска координаторка во институтот за економски истражувања и политики „Фајненс тинк“, вели дека најголема разлика помеѓу мажите и жените на пазарот на трудот постои во стапката на активност, при што само околу 43 отсто од работоспособните жени во земјава се активни, за разлика од мажите – 67 отсто, а висока разлика помеѓу нив постои и во стапката на вработеност, кај жените таа изнесува 38 отсто, а кај мажите 56 отсто.
– Жената е континуирано во една инфериорна положба на пазарот на трудот, главна причина за тоа е традиционалната улога за грижа на семејството, домот, а особено за децата. Голем број жени се неактивни поради тоа што мора да се грижат за домот, што па од друга страна е резултат на недоволниот капацитет на центрите за ран детски развој каде што може децата да бидат згрижени и со тоа да се ослободат жените за да имаат слободно време што би го искористиле за нивно вработување или за активација на пазарот на трудот – смета Туманоска.

Нееднакви можности при напредување и наградување

Претседателката на Сојузот на стопански комори, Данела Арсовска, вели дека малиот број жени на функции се должи пред сѐ на недостигот од национален систем за вреднување базиран на меритократија. Доколку позициите би се стекнувале врз основа на јасни критериуми на компетентност, сигурно бројот на жени на позиции би бил поголем.
– Најголемиот предизвик останува во тоа што жените не само што немаат еднакви можности за напредување, дури и кога се подобриот кандидат за повисока позиција, туку немаат ниту исти можности за надградување на компетенциите кога би биле поквалификувани при унапредување, особено во корпоративниот свет – нагласува Арсовска.
Според неа, не може да се зборуваме за еднаквост ниту за надминување на родовиот јаз без имплементација на механизми за намалување на родовите разлики во платите за работа со еднаква вредност.
– Родовите се со еднаква вредност и во 21 век, кога светот прокламира дека жените имаат еднакви права, неприфатливо е да немаат еднакви можности за кариера и еднакви плати. Доколку се воспостави механизам за обезбедување еднакви можности, жените економски силни и финансиски независни ќе се изборат за местото што им припаѓа. Со поддршка на женското претприемништво се залагаме за економско јакнење на жените преку овозможување на нивна поголема финансиска независност – потенцира Арсовска.
Како што додава таа, секоја година со Сојузот се вклучуваат во активна кампања, дејствуваат за постигнување родов паритет на платите и кон пробивање на стаклениот плафон со затворање на родовиот јаз во тој поглед и затоа нашата улога е важна во унапредување на позициите на жените и нивно градење како идни лидери во индустријата во која работаат.

Како да се надмине стереотипот за машки и за женски професии?

Од Стопанската комора на Македонија велат дека незанемарлива причина е и постоењето на предрасуди и стереотипи за машка и за женска професија, која сѐ уште е забележлива кај нас, иако се прават напори да се надмине тоа.
– Напори за надминување на стереотипите се прават преку активности што се преземаат во образовниот систем со стипендирање на учениците од женски пол за изучување квалификации што се сметале за машка професија. Таков позитивен пример е компанија ЕВН „Македонија“, која ги поттикнува учениците од женски пол за упис во паралелките за изучување на квалификацијата електромонтер – споменуваат од СКМ.
Туманоска потенцира дека како институт даваат препораки во однос на овој проблем, како што се поттикнување на активирањето на жените на пазарот на трудот, на женското претприемништво…

Потребно е и да се олесни улогата на жената во домот

Исто така значајни мерки, според Туманоска, би биле и оние што се однесуваат на олеснување на улогата на жените во домот, затоа што тоа е една од главните причини за неучество на пазарот на трудот и на крајот мерките за едукација и информирање, кои, како што вели, се неопходни за секоја работоспособна жена да се вклучи на пазарот на трудот.
– Мерките за активација не значат директно неактивната жена да се однесе од дома во компанија и да работи, туку прво тие да учествуваат на мотивациски обуки, да подлежат на еден процес на менторство и на крајот да се вклучат во некоја од постојните активни мерки за вработување. Следно е воведување во период на адаптација, во кој невработеното лице што користи социјална помош може истовремено да биде корисник и на активна мерка за вработување за да се спречи стравот од непосредно губење на помошта од државата. Во наши претходни истражувања сме заклучиле дека токму стравот од губење на социјалната помош од државата е една од причините зошто голем број жени не се осмелуваат да се вклучат на пазарот на трудот – потенцира Туманоска.
Таа додава дека вториот сет мерки насочени кон поттикнување на женското претприемништво може да се реализира со зголемување на буџетот наменет за имплементација на активните мерки за вработување, особено на мерките што целат на директно вработување, како што се грантовите за самовработување и субвенционирање на платите.
– Оваа мерка е врз база на нашата анализа, која покажа дека буџетот издвоен за имплементација на активните мерки за вработување континуирано расте и тој надмина една милијарда денари, меѓутоа во однос на вкупните буџетски расходи нивното учество е мало со само околу 0,6 отсто – појаснува Туманоска.

Да се воведат квоти за пристап на жените до грантовите за самовработување и субвенционирање

Според неа, помал дел од корисниците на мерки што водат кон директно вработување како грантови за самовработување и субвенционирање на плати се жени, односно само една третина од корисниците се жени, а речиси 70 отсто се мажи. И со цел поттикнување на женското претприемништво предлагаат воведување квота од најмалку 40 отсто учество на жените во оваа мерка.
– Исто така нашето истражување покажа дека стравот од започнување и водење бизнис е една од главните причини зошто жените не се осмелуваат да се самовработат, па затоа предлагаме намалување на трошоците и олеснување на процедурите за основање компанија и помош и поддршка на компании основани од жени – посочува Туманоска.
Следните мерки што ги предлагаат, како што вели таа, се за олеснување на обврските на жените во домот, згрижување на децата во претшколска возраст, отворање нови капацитети, како и воведување продолжен престој на учениците во првите одделенија во основно училиште, што може да им овозможи на мајките да се вклучат на пазарот на трудот.
– Сметам дека работата од дома и скратеното работно време може да ја олеснат улогата на жената за полесен компромис меѓу работните и домашните обврски – додава Туманоска.
Таа нагласува дека последниот сет на мерки е насочен кон едукација и информирање на жените за нивната можност да се вклучат на пазарот на трудот, но и зошто е битно една жена да биде вработена и да биде финансиски независна со различни информативни кампањи за рушење на стереотипите, обуки за развој на претприемничката култура и можностите за започнување и водење бизнис.