Фото: Игор Бансколиев

За разлика од претходните години и подолг период, оваа фискална година е создаден т.н. инструмент што врши корекции, т.е. повлекување на нереализираните средства, кој многу повеќе ќе ги поттикне и притисне институциите за динамизирање на оваа реализација

Зошто се реализирани само 39,7 отсто капитални инвестиции за првите осум месеци?

Слабата реализација на капиталните инвестиции отсекогаш коинцидира како ограничувачки фактор за растот на економијатa на државите. Тоа во изминативе децении се покажа и во Македонија. Иако капиталните проекти значат импулс и за македонската економија, сепак нивното потфрлање за сметка на социјалните и на други непродуктивни трошења стана хроничен проблем. За осум месеци се реализирани само 39,7 отсто од инвестициите, околу 190 милиони евра, а се предвидени околу 482 милиони евра.
Економистите истакнуваат дека само со изградба на капиталните проекти и со подобри здравствени и образовни услуги може да очекуваме подобри економски перформанси во иднина.

Има институции со 80 отсто реализација, но, за жал, има и со под 20 отсто

Според Министерството за финансии, некои државни институции успеале да достигнат реализација на капиталните расходи повисока од 80 отсто, но кај други остварувањето е под 20 отсто. Податоците од Министерството покажуваат дека во ресорите во чии раце се наоѓаат значајни стратегиски и скапи проекти засега е регистрирана послаба реализација, како на пример Собранието, Владата, Министерството за животна средина, Министерството за транспорт и врски, Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, Министерството за образование и наука, а тука спаѓаат изградба на социјални станови, водовод и канализација, изградба на локални патишта, гасификација, железничка инфраструктура, реконструкција на училишта, спортски сали, училишни и студентски домови, реконструкција и доградба на објектите на јавните здравствени установи…
Оттука произлегуваат и прашањата што се поставуваат во јавноста. Кој е најголемиот проблем за нереализирани капитални инвестиции? Дали постојат системски слабости? Колку директно ќе се одрази оваа нереализација врз вкупната економија?

Структурален проблем што се провлекува многу одамна

Економистите укажуваат дека степенот на реализација на капиталните инвестиции продолжува да биде многу низок, но дека ова е структурален проблем што се провлекува многу одамна.
– Имајќи предвид како функционира сето ова и тешкотиите во реализацијата на инвестициите, навистина е сомнително дека е изводлива замислата за реализацијата на сите капитални инвестиции. Институциите имаат лимитиран капацитет за повисока реализација на овие инвестиции. За разлика од претходните години и подолг период, оваа фискална година е создаден т.н. инструмент што врши корекции, т.е. повлекување на нереализираните средства, кој многу повеќе ќе ги поттикне и притисне институциите за динамизирање на оваа реализација – објаснува универзитетскиот професор и академик Абдулменаф Беџети, додавајќи дека, сепак, не очекува дека степенот на реализација ќе биде идеален, особено кај одредени институции каде што тој степен е едноцифрен.
Според него, потребни се дополнителни мерки за поедноставување на некои непотребни и формални процедури, зајакнување на некои други постапки во процесот, особено во делот на мониторинг и супервизија на доделување на тендерите и договорите. Тој посочува дека фокусот ќе треба да биде ставен во корпусот на квалитативните компоненти, т.е. гарантирање на квалитетот и динамиката на извршување на работите или реализација на испораките.
– Тука има суштинско потфрлување, па сѐ до коруптивни зделки при одлучување. Покрај ова, фокусот треба да биде и кај номенклатурата и структурата на капитални инвестиции. Не сите инвестиции се продуктивни и потребни во одреден период, т.е. приоритетот е многу важен – истакнува Беџети.
Како што нагласува тој, капиталните инвестиции се тие што треба најмногу да ја движат економијата од аспект на мултипликаторните ефекти и верижните системи на ангажирање.
– На пример купување патничко возило припаѓа во капитални инвестиции, но тие не се продуктивни туку, напротив, потикнуваат увоз и го нарушуваат трговскиот, а последично и платниот биланс. Во овие аспекти треба да се фокусираат промените и реформите во оваа категорија – потенцира Беџети.

Парите што помалку да се трошат за непродуктивни цели

Според претседателот на Бизнис-конфедерација на Македонија, Миле Бошков, потребна е одржлива стратегија, но за да се спроведе таа стратегија, треба да се знае и предвиди резултатот при нејзината подготовка.
– Кај нас постојано се менуваат плановите и иницијативите што не содејствуваат со стратегиите, така што најпрво треба да се зголемат свеста и одговорноста при реализација на капитални инвестиции. Мора да се најде начин да се стегне ременот, да се штеди и разумно да се троши – вели Бошков.
Тој додава дека ние како држава само ги зголемуваме дефицитот и јавниот долг, наместо да ги намалуваме, а парите се трошат и пренаменуваат главно за непродуктивни работи, наместо да се потрошат на капиталните инвестиции – посочува Бошков.


Капитални расходи заклучно со август

Министерство за надворешни работи – 7,81%

Министерство за финансии – 47,45%

Министерство за економија – 73,39%

Министерство за животна средина
и просторно планирање – 10,92%

Министерство за транспорт и врски – 33,59%

Министерство за земјоделство,
шумарство и водостопанство – 86,91%

Министерство за труд и социјална политика – 41,06%

Министерство за образование и наука – 29,76%

Министерство за информатичко
општество и администрација – 27,65%

Министерство за здравство – 25,76%

Министерство за внатрешни работи – 26,61%

Министерство за одбрана – 55,14

Дирекцијата за задолжителни резерви
на нафта и нафтени деривати – 23,1%

Агенција за разузнавање – 98,3%

Собрание на Република Северна Македонија – 5,55%

Влада на Република Северна Македонија – 23,48%

Центар за управување со кризи – 9,42%

Агенција за промоција и поддршка на туризмот – 0%

Извор: Министерство за финансии