Еко-свест и ЦЕЕ Бенквоч Нетворк вчера испратија жалба до Енергетската заедница поради Владината уредба за поддршка на производство на електрична енергија од обновливи извори која неправедно ги фаворизира малите хидроелектрани пред другите енергетски извори.

Македонија е потписник на Договорот за енергетска заедница, со кој се забранува „каква било јавна помош која ја нарушува или се заканува да ја наруши конкуренцијата со фаворизирање на одредени претпријатија или одредени енергетски ресурси”.

– Во последниве години малите хидроелектрани прават пустош низ земјите од југоисточна Европа, вклучувајќи ја и нашата земја, поради нивниот брз развој, често во заштитени подрачја и без примена на законите за заштита на животната средина. Сепак, новата законска рамка одобрена од Владата во февруари оваа година дозволува неограничен број хидроелектрани под десет мегавати да продолжат да добиваат оперативни субвенции во форма на повластени тарифи. Во исто време, сончевите фотоволтаици не можат да добијат никакви повластени тарифи, без оглед на големината. Сите квоти за ветерници веќе се резервирани, а само неколку мегавати биомаса и биогас сѐ уште можат да добијат оперативна поддршка – се вели во соопштението.

Новите правила, што со новата законска рамка се воведуваат само за фотоволтаичните централи и повеќето ветерни централи, се дизајнирани да ги минимизираат трошоците за потрошувачите. Тие мора да се натпреваруваат на аукции за да понудат производство на електрична енергија по најниска цена, а успешните понудувачи се квалификуваат за поддршка во форма на премии што се плаќаат над пазарната цена за електрична енергија за да се осигураат дека ги покриваат нивните производствени трошоци.

– Вицепремиерот Кочо Анѓушев, поседува голем број мали хидроцентрали, а неговиот кабинет е тесно вклучен во подготовката на законодавството за енергетскиот сектор. Затоа одлуката на Владата да даде предност на малите хидроелектрани изгледа сомнително – наведе Давор Пехчевски од Еко-свест.

Системот со премии, што исто така се применува и во ЕУ, повлекува поголеми ризици за инвеститорите. Исклучувањето на хидроенергијата од овој систем му дава неправедна предност на овој сектор.

– За земја што го има сонцето на нејзино знаме, Република Македонија чудно го користи својот потенцијал. Привилегираната хидроенергија можеби имала смисла пред неколку години кога сончевата и ветерна енергија била премногу скапа, но тие денови се одамна поминати. Наместо да се стимулира растот на нови извори, оваа шема ги потпомага малите хидроцентрали со голема штета. Оваа пракса треба веднаш да се смени за да се изедначат можностите – додаде Филипа Галоп од ЦЕЕ Бенквоч Нетворк.