Фото: Игор Бансколиев

Во согласност со плановите што ги објави Владата, во следниот четири-
годишен период се планира создавање современо одржливо земјодел-
ство, кое ќе обезбеди доволно квалитетна храна за домашните потреби, но и производство со додадена вредност што ќе се пласира на странските пазари. Земјоделците, пак, имаат сосема различни калкулации и бараат да се обрне внимание и на тешкотиите со кои се соочуваат тие

Силен апел и порака од земјоделците до креаторите на аграрната политика

Коректни откупни цени на земјоделските производи, договорено производство, сигурен пласман и вреднување на трудот, се главните барања на земјоделците, кои посочуваат дека владините програми за понатамошен развој се добредојдени, но неопходно е притоа и надлежните да ги слушаат гласот и апелот на инволвираните. Земјоделците укажуваат дека поради монополската позиција на откупувачите, откупните цени на земјоделските продукти се многу ниски и поради тоа се губи интересот за обработка на земјата и за производство на храна.
Во согласност со плановите што ги објави Владата, во следниот четиригодишен период се планира создавање современо одржливо земјоделство, кое ќе обезбеди доволно квалитетна храна за домашните потреби, но и производство со додадена вредност што ќе се пласира на странските пазари. Владата истакна дека ќе се зголемат вложувањата во човечкиот капитал, дека ќе се инвестира во рурална инфраструктура и во т.н. паметни села, како и дека ќе биде формиран интервентен фонд во делот на директните плаќања.

– Годишната финансиска поддршка од 200 милиони евра за аграрот е насочена кон создавање услови на одржливост на земјоделските стопанства што ќе се залагаат за зголемување на производството, за квалитетот на производите, за заштита на животната средина, безбедност на храната, здравствена заштита и за благосостојба на животните, како и кон модерно и конкурентно земјоделство и производи со додадена вредност – се наведува во владиниот документ.
Во документот, меѓу другото, се посочува дека ќе се поттикнува и договорното производство, а ќе се зголеми и субвенционирањето на „зелената нафта“, со тенденција тоа да достигне 100 проценти до крајот на 2024 година. Предвидени се и сет мерки за маркетинг на македонските земјоделски производи, за обезбедување сигурен пласман, фер и коректни цени.

Зарем земјоделството станува сѐ понеисплатливо?!

Инволвираните во оваа област укажуваат дека е доста значајно она што државата го презема во насока на подобрување на состојбите во земјоделството и дека е многу битно плановите да не останат само на хартија, но и дека надлежните треба да го слушнат гласот на земјоделците.
– Нашето домашно земјоделско производство станува сѐ помалку исплатливо, поради што се намалува интересот за производство. На пазарот се носат увозни земјоделски продукти што се многу поевтини од домашните. Од друга страна, откупувачите откупуваат од домашните производители по многу ниски цени, а ги пласираат многу поскапо. Не успеаја обидите да се направи електронски маркет, каде што ќе можат и откупувачи од странство да ги видат цените и да дојдат да ги откупат производите ако им одговараат. Доколку има поголема побарувачка, или откупувачи од странство, тогаш нашите домашни земјоделски продукти се откупуваат по повисоки цени. Во спротивно, домашните откупувачи, кои држат монопол на пазарот, практикуваат да ги намалуваат цените на земјоделците – укажува Љупче Станковски, претседател на здружението на земјоделци „Агрофаланга“.

Тој посочува дека поради ваквата состојба земјоделството станува сѐ помалку исплатливо и нагласува дека програмите се значајни, истакнувајќи дека се потребни вистински мерки, бидејќи состојбите во секторот се лоши.
– Кај нас земјата е напуштена, многу малку села сѐ уште се живи, нема земјоделци, особено не млади, немаме окрупнување на земјоделството, ниту се формираат задруги, ниту се обновуваат, немаат интерес кај земјоделците да се здружат, бидејќи даноците се превисоки кај задругите. И покрај апелите да се промени законот, таму не се интервенира. Изгледа како да им одговара земјоделците да останат расцепкани, да не се здружуваат, за да можат откупувачите да ги уценуваат и да им ги намалуваат цените – нагласува Станковски.
Поради ова, тој истакнува дека работите мора да се менуваат, да се создадат услови за окрупнување на производството, за формирање задруги, за пласман на производите, откуп по пристојни цени.

На земјоделците им е потребно договорено производство!

Претседателот на Регионалниот сојуз на земјоделци од Струмица, Ристо Велков, смета дека плановите за развој на земјоделството се добредојдени, но и нагласува дека договорот е клучот за решавање на проблемите во аграрот. Она што им е најпотребно на земјоделците е договорено производство и цени, сигурен пласман и редовни приходи.
– Пред секоја производствена сезона, Владата заедно со сите чинители во земјоделството, производители, откупувачи, преработувачи треба да се договори за количествата што треба да се произведат, за квалитетот и цените. Ако има договорено производство, сигурен пласман и цени, сите земјоделци ќе бидат задоволни, а и Владата и откупувачите ќе го најдат својот интерес. Доколку е потребно, вакви средби треба да има и во текот на производствената сезона – вели Велков.

Еден скопски земјоделец посочува дека иако не ги следи владините програми, тој смета дека состојбите во секторот се влошени, бидејќи земјоделското производство е сѐ помалку исплатливо.
– Иако сум од земјоделска фамилија, со традиција на обработка на земјиште, кое го наследив од родителите, сепак во последниве години да се обработува земјата самостојно е неисплатливо. Со сопругата сами ја обработуваме земјата и најчесто засадуваме градинарски производи, но поради годините веќе не сме во можност да обработуваме големи површини. Генерално, сметам дека веќе не може да се заработува од земјоделството како во минатото, бидејќи со обработка на земјата ги одгледав децата и остануваше и за шетање и за сите потреби. Денес не можеме да ги покриеме ниту трошоците за производството што го планираме – вели Николче Дамовски од скопски Петровец.


СКМ: За вистинска модернизација се потребни инвестиции

Иако земјоделците бараат решавање на некои од основните проблеми, како соодветна инфраструктура и системи за наводнување, во својата програма за развој на агросекторот за периодот од 2021 до 2024, Владата ветува вложување во таканаречените „паметни села“. За реализација на овој концепт е планирана распределба на дел од средствата од буџетот.
– За интензивна модернизација на животот во земјоделските средини, со подобрување, односно изградба на инфраструктура од повисок карактер, олеснителни кредити за развој на семејните фарми, како и за дополнителни субвенции за останување и работа во руралните средини, за да се зголемат продуктивноста и квалитетот на производството, проектот за паметни села не може да се направи изолирано, туку треба да се вгради во пошироките стратегии за регионален развој. Зајакнувањето на врските помеѓу руралните и урбаните области е клучно за постигнување на ваквата цел – велат претставниците на Стопанската комора на Македонија.

Оттаму истакнуваат дека со овој концепт треба да се обрне внимание на вештините за е-писменост, пристап до е-здравство и други основни услуги, да се понудат иновативни решенија за грижa за животната средина, примена на циркуларна економија за земјоделски отпад, промоција на локални производи поддржани од технологијата и ИКТ, промоција на туризмот, културни активности итн.
– Со сѐ поголемиот влез на информатичката технологија во земјоделскиот сектор веќе се направија автоматизирани робот-машини за обработка на почвата, собирање на родот, негово селектирање и доработка по бербата, соодветно за различни видови култури. Доколку сакаме вистинска модернизација на земјоделството, време е да почнеме со инвестирање во оваа насока и да очекуваме високи резултати на секој план – истакнуваат од СКМ.

Посочуваат дека поддршката во висина од 200 милиони евра на годишно ниво, планирана со Програмата за развој на агросекторот за периодот од 2021 до 2024, донесена од страна на Владата на РСМ, може да придонесе за реализација на предвидената програма, но со промена на начинот на субвенционирање, за кој се залага веќе подолго време комората, односно укинување на скалестото субвенционирање и ограничување на сумата кај големите компании што се сметаат за движечка сила на домашната прехранбена индустрија, особено во моменталните услови предизвикани од коронавирусот.