Кризата отвори нова дилема

Наспроти поединечните мерки што ги најавуваат владите на земјите на ЕУ, на централно ниво сѐ почесто се заговара идејата за издавање заедничка еврообврзница. Темата за „корона-обврзниците“ ја почна италијанскиот премиер Џузепе Конте

Ширењето на ковид-19 низ Европската Унија удира сѐ посилно врз економијата. Голем број држави одлучија да ги затворат границите во обид да го спречат ширењето на вирусот, што предизвикува сѐ повеќе штети за економија. Покрај веќе најавените пакет мерки за спасување на компаниите, европските лидери преговараат и за нови обврзници што би требало да го ублажат влијанието на пандемијата врз економијата.
Во Македонија беа најавени бескаматни кредити, ослободување од плаќање придонеси за работниците во секторите туризам, угостителство и транспорт во следните месеци, но и олабавувања на условите за издавање кредити. Пакетот мерки што го најавија надлежните, според дел од бизнис-заедницата, нема да ја спречи пропаста на некои компании, на кои им се заканува затворање поради прекинот на нарачките од доставувачи од странство.
Наспроти поединечните мерки што ги најавуваат владите на земјите на ЕУ, на централно ниво сѐ почесто се заговара идејата за издавање заедничка еврообврзница. Темата за „корона-обврзниците“ ја почна италијанскиот премиер Џузепе Конте, за време на телеконференцијата на лидерите на ЕУ.
Германија и Холандија, кои беа најцврсти противници на идејата за издавање заеднички долг во еврозоната, сега се подготвени да разговараат за нови еврообврзници. Водачите на ЕУ ветија дека ќе направат „што и да е потребно“, а лидерите од најпогодените земји повикаа на привремени еврообврзници или „корпоративни обврзници“.
Според Блумберг, германската канцеларка Ангела Меркел не ставила вето на неа и била подготвена да дозволи министерот за финансии Олаф Шолц да се вклучи во дискусијата.
Иако Хаг отсекогаш бил против секаков фискален трансфер и меѓусебна интеграција на ризиците меѓу европските партнери, во овој случај земјата е „отворена за дискусија“. Холандската влада предлага прво целосно да се искористи флексибилноста на Пактот за стабилност, но и дополнителни алатки од Европската инвестициска банка и од Европската централна банка.

– Да ги разгледаме другите опции најпрво, пред да ги разгледаме најтешките – кажа еден дипломат на ЕУ во врска со „корона-обврзниците“.
Италијанскиот премиер Џузепе Конте ги повика водачите на ЕУ да преземат вонредни мерки и да размислат за издавање заеднички долг на ниво на ЕУ, за да ѝ се помогне на европската економија.
Франција го поддржа и барањето на Италија, а според францускиот претседател Емануел Макрон, Европската инвестициска банка треба да биде издавач.
Аргументите користени во минатото од критичарите на еврообврзниците тешко стојат под сегашните околности, бидејќи дополнителното финансирање не би опфаќало невнимателно трошење, туку би било посветено на справување со шокот.
Дипломатите на ЕУ се свесни за исклучителната состојба и за потребата да се покаже „солидарност“ со Италија, но ги посочуваат и другите опции, меѓу кои и Европскиот стабилизациски механизам (ЕСМ), кој има на располагање 410 милијарди евра (околу 3,4 отсто од БДП на еврозоната).

– Наместо издавање заеднички долг, алтернативата е во рацете на Европската централна банка, со тоа што ќе игра поголема улога во купувањето на националниот долг на секундарниот пазар. Фискалните власти би можеле да издадат долг и ЕЦБ да го купи за да дејствува како стабилизатор – рече Марија Демерцис, заменик-директорка во „Бригел“.

Прашањето за „корона-обврзниците“ се очекува да биде дискутирано наредните денови, на телеконференцијата на лидерите на ЕУ.
Македонските власти, односно Секретаријатот за европски прашања, најавија дека бараат помош од ЕУ, поточно од Европскиот солидарен фонд, но информира и дека побарале дел од средствата од наградата за успешност од 50 милини евра, наменети за инфраструктура и за животна средина, да бидат пренаменети за менаџирање на ситуацијата предизвикана од пандемијата на ковид-19.