Еуростандард банка за своите клиенти стави на располагање нов најсовремен трезор со граѓански сефови изработени по најнова технологија – инвестиција што доаѓа како одговор на заложбата на банката да обезбеди супериорна услуга за своите клиенти на сите нивоа, вклучувајќи и највисок степен на безбедност за нивните средства.
Новите сефови се поставени во Централата на банката, а клиентите веќе можат и да ги користат од 10 јули и безбедно, едноставно и лесно достапно да ги чуваат своите пари, скапоцени предмети, документи или, пак, хартии од вредност.

Новиот систем за безбедност е единствен од ваков тип на банкарскиот пазар во земјата, изработен според системот ИСО9001 за управување со квалитет, почнувајќи од обезбедувањето квалитет во дизајнот на производот, преку неговиот развој и производство, па до инсталацијата и сервисирањето на трезорот.
Квалитетот на производот е загарантиран да ги исполнува високите стандарди на клиентите, со што на уште еден начин се потврдува вредноста на банката дека луѓето доаѓаат пред профитот, велат од Еуростандард банка.
– Стратегијата на банката отсекогаш била континуиран развој на нашите производи и услуги преку следење на модерните банкарски трендови, па преку воведување на оваа најнова услуга, која е уникатна на нашиот пазар, веруваме дека ние како банка сме чекор понапред во исполнување на нашата мисија, а на потребите на граѓаните и компаниите им се доближуваме уште повеќе, обезбедувајќи сигурна и квалитетна услуга и исполнувајќи ги високите банкарски меѓународни стандарди – изјави Сашо Трајковски, директор на Секторот за ликвидност во Еуростандард банка.

Инаку најсовремената технологија на трезорот обезбедува влезна врата со две брави, во согласност со европските регулативи, понатаму поседува сертификат за највисоко ниво на отпорност, во кој се инсталирани модуларни сефови со заеднички режим за отклучување од страна на клиентот и овластеното лице на банката, а пак клучевите се со технологија што е невозможно да се копира.
Од Еуростандард најавија дека во овој период услугата ќе биде по промотивни цени, почнувајќи од 2.000 ден. годишно за најмалата димензија на сеф, па до 3.500 ден. годишно за најголемите сефови.