Од вториот повик за набавка на јаглен за РЕК „Битола“ ќе биде потпишан договор за набавка на 90 илјади тони јаглен од Албанија, соопшти АД ЕСМ. Од компанијата посочуваат дека од деветте фирми што дале 14 понуди од различни рудници во Македонија и од регионот, некои од понуди не одговарале технички во однос на јагленот, додека некои имале недостатоци во економско-финансиската евалуација, односно во назначениот рок немаат доставено комплетна документација.
– Од тие причини, повторно ќе биде објавен отворен повик во времетраење на целата грејна сезона и очекуваме да се обезбедат дополните 810 илјади тони јаглен за РЕК „Битола“ и 170 илјади тони за РЕК „Осломеј“ – соопшти АД ЕСМ.
Отворениот повик ќе биде дополнителна можност за компаниите да ја комплетираат документацијата, како што е случајот со понудата на јаглен од Косово, која ги задоволува техничките, финансиските и количинските барања на повикот. Економскиот оператор не успеа во првиот рок навремено да достави договор склучен со КЕК-државните електрани на Косово како испорачувач на јагленот, поради тековната промена на раководниот тим во косовските државни електрани. Сите економски оператори ќе имаат можност во текот на грејната сезона да доставуваат понуди, до обезбедување на бараните количества – потенцираат од компанијата.
Од АД ЕСМ, исто така, посочија дека го засилуваат ископот на сопствен јаглен и со тоа планираат да го осигурат производството на електрична енергија во текот на зимската сезона. Нивото на ископан јаглен на депонијата во РЕК „Битола“ изнесува 200 илјади тони.