Во хидроелектраната „Вруток“ во рамките на ХЕС Маврово, заврши главниот дел од реконструкцијата за санирање на водостанските шахти. Овој зафат се провлекуваше како неопходност во АД ЕСМ во последните десет години. Дејствата кои се презедоа со овој проект ќе овозможат драстично намалување на загубите на вода, зголемување на производството, заштита од ерозија на околниот реон, како и заштита на реката Вардар од заматување, нагласуваат од АД ЕСМ.

Во соопштението на ЕСМ се истакнува дека со санацијата на вертикалната шахта од Шарскиот довод, која заврши пред две недели, а во 2021 година со санацијата на вертикалните шахти од Јеловски довод, ќе се реши проблемот со загуба на вода што трае од 2010 година и ќе се овозможи поголема стабилност и функционалност на
електраната. Имено, проблемот со појавените извори под затворачница-19 биле особено изразени во март 2010 година, кога се зголемени од претходните 22 литри во секунда на 62 литри во секунда, за во 2014 да дојдат до 250 литри во секунда и конечно во 2016 година од 350 до 400 литри во секунда.

Во 2017 година менаџментот на АД ЕСМ започна постапка за обезбедување на сите потребни проекти за зафатот да биде издржан и траен во своето решение. Преку овој зафат, кој е специфичен и тежок за изведување, со значајни издвоени средства, од близу три милиони евра, се изведе санација која ќе овозможи да не се губат повеќе 11 до 12 милиони метри кубни вода годишно како досега, или попрецизно како енергија 17 до 18 гигаватчасови електрична енергија, кои претставуваат 600 до 700 илјади евра неостварена добивка секоја година, токму поради загубата на вода.

Со овој проект, покрај стабилност на производството, се постигна и безбедност на системот и на човечките ресурси, како и продолжување на работниот век на електраната, истакнуваат од АД ЕСМ. М.М.