Судот во Милано ги разгледува обвиненијата за корупција против европските нафтени компании „Ени“ и „Шел“ во контроверзниот нафтен договор во кој Нигерија, како што тврдат невладините организации, загубила околу шест милијарди американски долари.

Невладиното здружение „Глобален сведок“, што ја води кампањата во овој случај, пресметала дека таканаречениот ОПЛ 245 договор од 2011 година ѝ одземал на Нигерија износ што одговора двојно на годишниот буџет за образование и здравство.

„Ени“ и „Шел“ се обвинети дека знаеле оти парите што и ги исплатиле на Нигерија ќе бидат користени за мито, додека италијанската и англо-холандската компанија негираат било какви нелегалности.

Овој скандал кој се разгледува на италијански суд вклучува и поранешни службеници на разузнавачките служби МИ6 и ФБИ, поранешниот претседател на Нигерија, како и сегашните и претходните директори на двете нафтени компании.

Поранешниот нигерски министер за нафта Дан Етете е прогласен за виновен од страна на француски суд за перење пари, а беше и откриено дека користел незаконски средства за да купи глисер и замок. Исто така, се наведува дека во готовина поседувал толку банкноти од 100 долари, што тие тежеле пет тони.

Глобален сведок со години го истражува договорот со кој „Шел“ и „Ени“ го добиле правото да го истражуваат ОПЛ 245, морско нафтено поле во делтата на Нигер.

Тие нарачале нова анализа за да истражат на кој начин договорот е изменет за да оди во полза на енергетските компании и заклучиле дека за време на проектот, Нигерија загубила 5,86 милијарди долари, во споредба со условите кои постоеле пред 2011 година.

Проценетите загуби се пресметани врз основа на цената на барел нафта од 70 долари.

Компанијата „Ени“ го критикуваше начинот на кој тоа е направено бидејќи пресметката ја занемарува можноста дека Нигерија имала право да го измени договорот и да побара 50 отсто од уделот во приходите од производството.

„Глобален сведок“ и невладините организации бараат договорот да биде откажан.

– Откривме дека „Шел“ смислил договор со кој ја исфрлил Нигерија од нивниот удел на нафтената добивка од блокот – изјави активистката на Глобален сведок Ава Ли за емисијата Ворлд Бизнис Репорт на Би-Би-Си.

– Оваа количина на пари би можела да биде доволна за образование на шест милиони учители во Нигерија. Не може да се потцени колку ова би донело полза на земјата која во моментов има стапка на екстремна сиромаштија во светот – додала Ли.

Нигерија е најбогата економија во Африка, но и покрај богатството, милиони Нигеријци живеат во сиромаштија.