Фото: Игор Бансколиев

Зголемување на цените на годишна основа се забележува кај сите три главни компоненти на инфлацијата, а највисок придонес има енергетската компонента. Промените кај цените на енергијата се објаснуваат со високиот годишен раст на цените на нафтените деривати, коишто го следат движењето на цените на светските берзи, како и со пренесениот ефект од зголемувањето на домашната цена на електричната енергија од август претходната година. Но забележливо е и умерено забрзување на стапката на раст на цените на домашните производители и на странската увезена инфлација

Зголемување на цените на годишна основа регистрирано кај сите три главни компоненти на инфлацијата

Македонска економија не остана имуна на ценовните флуктуации на прехранбените производи и услуги. Пандемијата повеќе или помалку влијае и на инфлацијата, која во вториот квартал од 2021 година изнесуваше 2,8 отсто. Стравот од „прегревање“ на економијата и инфлација е сѐ повеќе присутен кај граѓаните, бидејќи реалната потрошувачка кошница на многу луѓе стана поскапа отколку што покажуваат статистиките за пресметување на инфлацијата. Економистите се согласни дека високиот раст на цените се должи на пандемијата, но и на климатските промени, но дали населението ќе се соочи со уште поголем раст на цените, кои би можеле да донесат катастрофални последици врз животот на населението и на економијата?

Шокот кај цените во голема мера е од привремен карактер

– Во моментов постои притисок врз цените кај одредени производи, од кои највидливи се оние што граѓаните ги гледаат во маркетите и на зелените пазари, и секако оправдана е нивната загриженост – вели универзитетскиот професор Марјан Петрески.
Според него, со излегувањето на пандемијата и заздравувањето на побарувачката, се создава одреден притисок врз цените, меѓутоа кај повеќето производи понудата сѐ уште не може да одговори адекватно, дел поради сѐ уште отежнатото снабдување детерминирано од тековниот бран на пандемијата, а дел поради нарушеното менаџирање на резервите уште од претходната година.
– Во таа смисла, шокот кај цените е во голема мера од привремен карактер и се очекува стабилизација во почетокот на 2022 година. На среден рок, новата нормала ќе донесе нов однос на понудата и побарувачката на пазарот, меѓутоа централните банки имаат инструментариум со кој тој процес се менаџира и ќе биде под контрола – додава Петрески.

Климатската криза влијае врз цените на храната

Економскиот аналитичар Здравко Савески вели дека инфлацијата во 2020-та била два отсто и дека тоа е релативно ниска стапка на инфлација и пониска од очекуваното, но сепак многу работници сериозно го почувствуваа тој пораст на цените, бидејќи порастот на цените во голема мера се однесуваше на прехранбените производи.
– Колку може да биде полошо сведочи стапката на инфлација што ја имавме од 2010 до 2012 година, кога, кумулативно, цените пораснаа за 10,5 отсто. Тоа што треба да се има предвид, особено во врска со цените на храната, е дека порастот повеќе се должи на климатската криза отколку на пандемијата. И прогнозите се дека овие цени ќе растат во наредниот период, а не дека ќе опаѓаат, ако на тоа се придодаде и импулсот од одредени сегменти како на пример во трката за профит, да се зголемат цените повеќе од што тоа соодветствува на порастот на цените на светскиот пазар, како што сега се обидуваат од мелничарската индустрија со цената на пченицата, тогаш трендот на пораст на цените станува очигледен – смета Савески.

Забрзување на стапката на инфлација оваа година

Од Народната банка велат дека засега овие глобални движења ги оценуваат како привремени, поттикнати од растот на цените на примарните производи и привремените нарушувања во синџирите на снабдување, предизвикани од пандемијата, додавајќи дека динамиката на цените и изворите на нивниот раст многу внимателно се следат.
– Во вториот квартал од 2021 година домашните потрошувачки цени остварија годишен раст од 2,8 отсто. Зголемување на цените на годишна основа се забележува кај сите три главни компоненти на инфлацијата, а највисок придонес има енергетската компонента. Промените кај цените на енергијата се објаснуваат со високиот годишен раст на цените на нафтените деривати. коишто го следат движењето на цените на светските берзи, како и со пренесениот ефект од зголемувањето на домашната цена на електричната енергија од август претходната година – истакнуваат од Народната банка.
Оттаму посочуваат дека се забележува умерено забрзување на стапката на раст на цените на домашните производители и на странската увезена инфлација.
– Во отсуство на поголеми притисоци од домашната побарувачка, овие фактори, како и досега, не би предизвикале посериозни и подолготрајни нагорни притисоци врз цените на финалните производи – сметаат од Народната банка.
Во поглед на очекувањата за стапката на инфлација во наредниот период, економските аналитичари од Народната банка очекуваат дека стапката на инфлација ќе изнесува 2,3 отсто на крајот на оваа година и потоа постепено ќе забави, сведувајќи се на 2,1 отсто во 2022 година и 2 отсто во 2023 година.
Во однос на идното движење на цените, поголемиот дел домашни и меѓународни институции очекуваат умерено забрзување на стапката на инфлација во тековната година и постепено забавување во наредните две години, во согласност со очекувањата за постепено закрепнување на економската активност, како во глобални рамки, така и во домашната економија и за намалување на притисоците од цените на примарните производи.