Обилните врнежи од дожд во Битолско предизвикаа поплава на јагленовите откопни полиња во Рудникот Суводол на РЕК „Битола“. Ископот и транспортот на јаглен во моментов се во прекин и се вложуваат натчовечки напори за санирање на состојбите. На терен е и генералниот директор на АД ЕСМ, Васко Ковачевски заедно со директорот на РЕК „Битола“, Златко Ќурчиевски, како и комплетното раководство на комбинатот и стручните служби на РЕК „Битола“. Според вработени, ваква елементарна непогода, со интензивни и обилни врнежи од дожд, во Рудникот Суводол не е забележана во последните 20 години.

За состојбите во Рудникот Суводол на РЕК „Битола“ известена е Владата, како и Центарот за управување со кризи, Дирекцијата за заштита и спасување, Армијата преку Министерството за одбрана. Сите тие ги ставија своите ресурси на располагање за интервенција, доколку има потреба.

И покрај елементарната непогода со која се соочува РЕК „Битола“, континуираното производство на електрична енергија од комбинатот засега не е е доведено во прашање и истото продолжува согласно планот и потребите на електроенергетскиот систем.

Слична е состојбата и во Рудникот Брод Гнеотино каде во моментов се копа кровна јаловина. Се преземаат напори и таму да се санираат штетите за да се подготви рудникот за дисконтинуиран ископ на јаглен на почетокот на септември, со цел да се добијат потребните колични за грејната сезона 2020/2021 година.

Ова е трета поплава на Рудникот Суводол во РЕК „Битола“ во рок од два месеци. Во сите активности што се преземаат за санација на последиците од обилните дождови, приоритет останува безбедноста на вработените, а потоа и опремата.