Граѓаните можат да се најават на системот е-персонален данок со внесување корисничко име и лозинка Фото: Дарко Андоновски

Од Управата за јавни приходи уверуваат дека во текот на месец април сите граѓани, кои се регистрирале во системот во предвидениот рок, ќе добијат имејл и изработена годишна даночна пријава и дека процесот ќе се одвива без проблеми бидејќи при регистрацијата биле утврдени и отстранети сите недостатоци

Граѓаните се наоѓаат во недоумици околу новината што ја воведува Управата за јавни приходи со пополнетите годишните даночни пријави. По завршувањето на процесот за регистрација, од УЈП најавија дека во текот на месецов сите граѓани на својата електронска адреса ќе добијат известување по кое треба да ја преземат пополнетата даночна пријава од системот и да ја проверат. Сепак, голем број граѓани што се јавија во нашата редакција посочуваат дека се соочиле со различни проблеми. Некои од нив посочуваат дека добиле имејл со кој им било потврдено дека се внесени во системот, а други не добиле такви соопштенија. Освен тоа, некои од граѓаните што се обиделе повторно да се пријават во системот или да го отворат претходно регистрираниот профил во системот биле одбиени.

Од управата уверуваат дека во текот на месец април сите граѓани, кои се регистрирале во системот во предвидениот рок, ќе добијат имејл и изработена годишна даночна пријава и дека процесот ќе се одвива без проблеми бидејќи при регистрацијата биле утврдени и отстранети сите недостатоци.

– Граѓаните можат да се најават на системот е-персонален данок со внесување корисничко име, односно е-адреса и лозинка и да проверат дали им е достапен корисничкиот профил. Напоменуваме дека нотификации на имејл во случај на регистрација пристигнуваат само доколку барањето за регистрација на системот е-персонален данок е одбиено – истакнуваат од УЈП.

Оттаму додаваат дека граѓаните што се обидуваат повторно да се регистрираат во системот нема да успеат, бидејќи системот не го дозволува тоа, туку треба да се најават на системот е-персонален данок со нивното корисничко име и лозинка со кои претходно се регистрирале.

Од управата посочуваат дека доколку граѓаните имаат проблеми со пристапување во системот може да се обратат во контакт-центарот на УЈП на телефон 3253-200 или во инфоцентарот на телефон 0800 33 000. Операторите за помош на граѓаните се достапни секој работен ден од 7.30 до 18 часот. Исто така од Управата наведуваат дека за сите проблеми или недоследности граѓаните може своите прашања да ги достават на е-адреса [email protected] или во регионалните дирекции, даночните одделенија или даночните шалтери.

– Доколку до истекот на рокот граѓаните не добијат претпополнета ГДП, можат да се обратат во контакт-центарот, како и да нѐ известат преку имејл или лично во регионалните дирекции – посочуваат од УЈП.

Оттаму исто така додаваат дека во изминатиов период ги презеле сите мерки за претпазливост и за перформанси на системот, поради што не се очекуваат тешкотии во реализација на планираните активности. Исто така од УЈП напоменаа дека претпополнетите годишни даночни пријави на граѓаните ќе им се доставуваат во текот на цел месец април, за да се избегне масовна најава на информацискиот систем на УЈП со што и би се намалил ризикот од евентуални пречки во процесот.

Како што веќе беше најавено, врз основа на сите податоци за исплатени приходи (плата, регрес, дивиденда и слично) од страна на исплатувачите во периодот од 1.1.2018 до 31.12.2018 година и за приходите што граѓанинот ги остварил од други физички лица и од странство, како и за приходите од вршење самостојна дејност, УЈП ќе изработува и доставува пополнета годишна даночна пријава до граѓаните најдоцна до 30 април 2019 година. Пополнетата годишна даночна пријава граѓанинот ќе може да ја преземе и од системот e-pdd.ujp.gov.mk по претходна регистрација на него. Граѓанинот ќе има обврска пополнетата годишна даночна пријава да ја потврди или да ја коригира најдоцна до 31 мај 2019 година.

[email protected]