Фото: Маја Јаневска-Илиева

Најдобрите понуди на тендерите и натаму се избираат главно според понудената цена, со што останува високиот ризик дека се купени стоки, услуги и работи чиј квалитет не е на потребното ниво, оценуваат од Центарот за граѓански комуникации

Според Би­ро­то за јав­ни на­ба­вки и Цен­та­рот за гра­ѓан­ски ко­му­ни­ка­ции

И покрај измената на Законот за јавни набавки, каде што „најниската цена“ повеќе не е главен критериум за избор на најповолната понуда, Електронскиот систем за јавни набавки и понатаму функционира така што, според годишниот извештај на Бирото за јавни набавки (БЈН), цената и понатаму е решавачка при избор на одредена понуда и склучување договор помеѓу јавните институции и компаниите.
– Бројот и вредноста на склучени договори за јавни набавки во 2020 година во најголем дел се со користење на критериумот економски најповолна понуда врз основа на цената, при што се склучени 26.951 договор во вредност од 52.534.471.072 денари. Потоа следува критериумот најдобар однос меѓу цената и квалитетот, со 759 договори со вредност 3.462.216.213 денари. Трет најкористен критериум е трошоци на користење на пристапот на исплатливост, со пет склучени договори во вредност од 3.525.800 денари – стои во извештајот на БЈН за функционирањето на системот на јавни набавки во 2020 година.
Дека „најниската цена“ е најкористена при склучувањето договори за јавни набавки укажуваат и од Центарот за граѓански комуникации (ЦГК), кои во своите анализи утврдиле дека овој критериум бил одлучувачки во 96 проценти од спроведените тендери минатата година.
– Најдобрите понуди на тендерите и натаму се избираат главно според понудената цена, со што останува високиот ризик дека се купени стоки, услуги и работи чиј квалитет не е на потребното ниво. Во 2020 година, од вкупно објавените 20.149 огласи за јавни набавки, критериумот „економски најповолна понуда“ е утврден врз основа на „цената“ дури во 19.296 тендери, а врз основа на „најдобриот однос на цената и квалитетот“ само во 853 набавки. Оттука произлегува дека цената била единствен параметар за евалуација дури во 96 отсто од тендерите, а примената на другите критериуми само 4 проценти.

Ваквото постапување на институциите не е во согласност со начелата за економичност, ефикасност и ефективност на користењето на јавните средства според членот 4 став 2 од ЗЈН, според кој „договорниот орган ги спроведува јавните набавки на начин што ќе обезбеди соодветен квалитет на предметот на набавка во однос на неговата намена и вредност – посочуваат од ЦГК.
Од невладино здружение велат дека електронската аукција била предвидена дури во 92 проценти од спроведените тендери во 2020 години, што не е во согласност со препораките од БЈН да не се форсира примената на е-аукцијата поради негативните ефекти што ги генерира, како ризикот од склучување договори со нереално високи цени поради отсуство на конкуренција и договарање меѓу фирмите.
Анализа направена од ЦГК меѓу фирми учесници на јавните набавки утврдила дека за 77 проценти од фирмите, „најниската цена“ како критериум е најчест проблем. Само за 9 отсто од фирмите, електронските аукции на тендерите имаат смисла, а мнозинството фирми, односно 60 проценти признаваат дека има меѓусебно договарање на тендерите. Речиси половина, или 47 отсто од фирмите сметаат дека има корупција во јавните набавки, а дури 60 отсто од фирмите велат дека корона-кризата влијаела негативно врз нивното учество на тендерите. – Ова редовно годишно истражување за јавните набавки кај фирмите го спроведуваме во рамките на мониторингот на јавните набавки од 2009 година наваму. Во истражувањето учествуваа 296 фирми од сите поголеми градови во земјата. Првите два проблема со кои најчесто се соочуваат фирмите при учеството на јавните набавки се „најниската цена“ и обемноста на документите потребни за учество на тендерите. И покрај измената на Законот за јавните набавки, каде што „најниската цена“ не е критериум за избор на најповолната понуда, туку „економски најповолната понуда“, сепак, државните институции ја применуваат „најниската цена“ како единствен критериум. На третото место на листата со главни проблеми со кои се соочуваат фирмите е приспособувањето на условите за учество на тендерите за одредени понудувачи – објаснуваат од ЦГК.

Другите проблеми на кои укажале компаниите биле техничките спецификации на тендерите, кои, според мислењето на анкетираните, не гарантираат квалитет.
– Дури 81 отсто од фирмите сметаат дека техничките спецификации ретко (54 отсто) или никогаш (27 отсто) не содржат детали за попрецизно определување на квалитетот на набавките. Само мал дел фирми (19 отсто) сметаат дека договорните органи често (15 отсто) или секогаш (4 отсто) доволно прецизно го утврдуваат квалитетот на тоа што сакаат да го набават, така што „најниската цена“ има смисла и нема да доведува до купување производи, услуги и работи со лош квалитет. Дури 91 отсто од испитаните фирми сметаат дека на е-аукциите се постигнуваат нереално ниски цени (43 отсто) и се занемарува квалитетот во однос на цената на тоа што се набавува (48 отсто). Само 8 отсто од фирмите сметаат дека на е-аукциите победува најдобрата понуда – посочуваат од Центарот за граѓански комуникации
Нивната анализа исто така утврдила дека меѓу компаниите има договарање, а притоа од година на година расте бројот на фирмите што изјавуваат дека постои договарање меѓу нив пред одржувањето на е-аукциите. Дури 60 отсто од фирмите сметаат дека постои вакво договарање, за разлика од лани, кога потврдно одговориле 48 проценти на фирмите
– Слично како и лани (48 проценти), годинава 47 проценти од испитаните фирми сметаат дека во јавните набавки има корупција. Од нив, 39 отсто сметаат дека корупцијата во јавните набавки е застапена често, а 8 проценти секогаш. Притоа, 35 отсто од испитаните фирми оценуваат дека корупцијата е ретко застапена во јавните набавки, додека 18 проценти сметаат дека нема корупција во оваа област. И годинава, прашани да го наведат видот на корупција за кој сметаат дека е најзастапен, најголем процент фирми на прво место ги ставаат политичките и партиските врски (73 отсто), на второ место поткупот (30 отсто) и на трето место роднинските и пријателските врски (20 отсто). Половина фирми не гледаат промена во спроведувањето на тендерите со новиот закон. Имено, 57 проценти од фирмите сметаат дека спроведувањето на тендерите според новиот Закон за јавните набавки што се применува од април 2019 година останало исто. Додека 38 отсто од фирмите сметаат дека спроведувањето на набавките е подобрено со новиот закон, а само 5 проценти сметаат дека спроведувањето е влошено – објаснуваат од ЦГК.

Последниот извештај за инвестициската клима за 2021 година на американскиот Стејт департмент укажува дека бизнис-климата во Македонија е добра, водењето бизнис е релативно лесно, но митото и корупцијата се константен проблем и опасност.
– Додека водењето бизнис е генерално лесно во Северна Македонија и правната рамка е во голема мера во согласност со меѓународните стандарди, корупцијата е постојан проблем – сметаат аналитичарите од Стејт департментот.
Во делот од извештајот посветен на корупцијата, добра оцена има за воведувањето на електронските системи во царината и Бирото за јавни набавки, кои овозможуваат транспарентно следење на процесите.
– За да ја спречи корупцијата, Владата користи автоматски процес на електронско царинење, што им овозможува на деловните субјекти да го следат статусот на нивните апликации. За да се подигнат транспарентноста и отчетноста при јавните набавки, Бирото за јавни набавки воведе електронски систем што овозможува објавување на известувањата од домашни и меѓународни институции, прегледи на тендерската документација без регистрација во системот, е-плаќања за употреба на системот, електронско архивирање и електронско доставување жалби. Голем број домашни невладини организации се фокусираат на антикорупција и транспарентност во јавните финансии и тендерските постапки. Чести се извештаите за непотизам на јавните тендери. Владата не обезбедува посебна заштита на невладините организации вклучени во истрагата на корупцијата. Северна Македонија ги ратификува Конвенцијата на ООН против корупција и Конвенцијата на ООН против транснационален организиран криминал и ја потпиша Конвенцијата на ОЕЦД за борба против митото – е наведено во извештајот на Стејт департментот.