Карикатура: „Нова Македонија“

Долготрајната економска слабост во еврозоната поврзана со пандемијата ќе предизвика силни негативни последици во процесот на економско закрепнување во остатокот од светот. Најголема кочница за светската економија ќе биде токму намалената побарувачка за нејзините извозни стоки од страна на членките на еврозоната. Остатокот од светот повеќе нема да биде во можност да ја надоместува слабата домашна побарувачка со зголемен извоз во правец на големиот европски пазар

Економијата во еврозоната е меѓу оние што претрпеа најголеми штети од епидемијата на коронавирусот. Овој факт мора да предупреди на поголема загриженост кај чинителите на глобалната економија. Економската истоштеност на еврозоната нема да предизвика проблеми само во светската извозна побарувачка туку би можела да креира и огромни негативни последици врз светскиот финансиски систем и перспективите за одржување отворен меѓународен трговски поредок.

Каква е економијата на еврозоната

Економијата во рамките на еврозоната претставува многу повеќе од „обична“ економија. Со БДП што изнесува околу 18 трилиони американски долари, таа е само за 10 проценти помала од онаа на САД. Како таква, таа учествува дури со 15 отсто во светската економија и има доста голем удел во глобалната извозна побарувачка. Една од индикациите што укажуваат на сериозни тековни финансиски проблеми во еврозоната е проекцијата на Европската централна банка (ЕЦБ), која за оваа година предвидува опаѓање на нејзината економија за неверојатни 8 до 12 отсто. Уште поголеми економски падови ЕЦБ очекува да се случат во земјите како Италија и Шпанија, чии туристички приходи претставуваат најголема поддршка за државните буџети. Доколку овие предвидувања станат реалност, економскиот пад на еврозоната би бил со трипати поголеми последици од оној што се случи за време на економската рецесија во 2008-2009 година. Во периодот што следуваше по оваа рецесија се покажа дека закрепнувањето на економијата во еврозоната се движи многу бавно. Заглавени во кафезот на еврозоната и немајќи независна монетарна политика, ниту пак индивидуална политика на девизен курс, поединечни држави не беа во состојба да ја обезбедат неопходната поддршка за сопствената економија. Истовремено, оптоварени со многу високи нивоа на јавен долг, овие земји од економската периферија на еврозоната немаа доволно фискална слобода да се зафатат со посериозни политики за буџетско стимулирање. За жал, се чини дека истите овие фактори ќе го забават економското закрепнување во еврозоната и за време на сегашнава рецесија, предизвикана од пандемијата на ковид-19.

Пасивизираната евро економија сериозно ќе влијае на светската економија

Долготрајната економска слабост во еврозоната ќе предизвика силни негативни последици во процесот на економско закрепнување во остатокот од светот. Најголема кочница за светската економија ќе биде токму намалената побарувачка за нејзините извозни стоки од страна на членките на еврозоната. Остатокот од светот повеќе нема да биде во можност да ја надоместува слабата домашна побарувачка со зголемен извоз во правец на големиот европски пазар. Пасивизираната европска економија може уште посериозно да влијае врз остатокот од светската економија преку своето можно влијание врз здравјето на глобалниот финансиски систем, имајќи ја предвид доминантната улога на европските банки во процесот на кредитно посредување. Една од последиците на големата економска рецесија во 2008-2009 година беа зачестените нефункционални заеми од страна на европските банки. Со оглед на очекувањата дека корона-рецесијата ќе биде уште потешка за стабилноста на еврозоната, многу е веројатно дека ќе порасне и бројот на нефункционалните европски заеми. Оваа ситуација може да биде особено проблематична за банките во Италија, имајќи ја предвид однапред антиципираната длабочина на италијанската рецесија. Не смее да се заборави фактот дека билансите на италијанските банки се веќе оптоварени со преголем број владини обврзници. Во овој момент, она што најмалку му треба на кревкиот светски финансиски систем би била една „расцветана“ криза во италијанскиот банкарски систем, тешка околу 4 трилиони американски долари.

Голема е веројатноста еврото да ослабне во однос на американскиот долар

Продолжениот период на европска економска слабост би можел сериозно да влијае врз долгорочната светска економска перспектива во однос на актуелниот тренд на деглобализација. Големата трговска тензија помеѓу САД и Германија беше очигледна уште пред почетокот на пандемијата. САД тврдат дека германскиот надворешнотрговски суфицит од речиси 8 отсто од БДП е претеран и дека Германија го користи еврото за да создаде вештачка слика за кревка економија. Сега кога се очекува европската економија да функционира полошо од американската, логично би било да се предвиди дека Европската централна банка ќе одржува полабава монетарна политика од онаа на Федералното биро за резерви на САД. Ова веројатно ќе го ослабне еврото во однос на американскиот долар и ќе ги засили приговорите на САД во врска со претерано ниската вредност на европската валута, разгорувајќи ја уште повеќе американско-германската тензија околу трговските прашања. Во период кога САД веќе водат трговска војна против Кина, изгледа дека последното нешто што му треба на светот е уште една нова војна – онаа трговската помеѓу САД и Германија.
Банкротот на релативно малата американска банка Леман во септември 2008 година предизвика големи негативни последици врз остатокот од светската економија. Имајќи го предвид ова, американските креатори на политики би требало повнимателно да ја следат економијата во еврозоната. Исто како што неуспехот на еден финансиски субјект во САД во 2008 година влијаеше врз остатокот од глобалната економија, така и сега секој поголем економски неуспех во Европа би имал негативно влијание врз американските финансиски пазари.