Фото: Игор Бансколиев

Сите проекции и прогнози за надминување на економската криза или за раст на економијата треба да се базираат на прецизни согледувања на реалните состојби и на конкретни планови, посочуваат економистите

Очекувањата за перформансите на македонската економија годинава не се многу оптимистички со оглед на фактот што првиот квартал од оваа година го започнавме со негативната стапка на раст од -1,9 отсто, за разлика од многу земји од соседството, кои, и покрај ограничувањата наметнати од пандемијата на ковид-19, покажаа позитивни сигнали на закрепнување, се надоврзуваат експертите на прогнозата на Министерството за финансии, според која, државата годинава излегува од криза и влегува во раст и заздравување со проекцијата за раст од 4,1 проценти и инфлација од 2,1 проценти. Македонските економисти посочуваат дека сите проекции и планови за надминување на економската криза или за раст на економијата треба да се базираат на прецизни согледувања на реалните состојби и на конкретни планови.

Вториот квартал ќе биде недоволен да ги покрие лошите резултати од
истиот период лани

Токму поради негативното салдо од почетокот на годинава, но и од претходната 2019 година, како и поради неизвесноста, универзитетскиот професор Дарко Лазаров не го дели оптимизмот на надлежните во Министерството за финансии.
– Вториот квартал ќе биде сигурно недоволен да ги покрие лошите резултати од истиот период лани кога земјата забележа негативна стапка на раст од -12,7 отсто. Ова укажува дека е тешко да се очекува брзо враќање на економијата на нивото пред кризата од 2019 година, како што се очекуваше да се случи. Причината, секако, треба да се бара во економските политики и перформансите на економијата пред кризата и ефектите на антикризните мерки во периодот на кризата предизвикана од пандемијата на ковид-19 – смета Лазаров.

Капиталните инвестиции се изгубија од фокусот

Според него, постојниот економски модел е базиран на стимулирање на финалната потрошувачка без позначаен фокус на капиталните инвестиции и без посериозни политики за јакнење на извозната конкурентност на земјата.
– Потврда за тоа е релативно ниската реализација на капитални инвестиции, кои се движат околу 6,5 отсто од централниот буџет во изминатите неколку години, и неповолниот тренд на продлабочување на трговскиот дефицит, што, секако, негативно се рефлектира врз можноста за генерирање повисоки стапки на раст – објаснува Лазаров.
Професорот додава дека сево ова, дополнето со негативните ефекти од кризата и недостатоците на антикризните мерки, имаше за резултат влошување на економската состојба во земјата, што, секако, ја чувствуваат и граѓаните.
– Еден значаен дел од граѓаните ги изгуби своите работни места во периодот на кризата, се намалија дознаките од странство, многу бизниси се на работ на егзистенција и уште полошо е тоа што сѐ уште е присутна една голема неизвесност за состојбите во наредниот период. Истовремено, порастот на цените, особено на цените на прехранбените производи негативно се рефлектира врз животниот стандард на граѓаните, а порастот на јавниот долг на државата го ограничува фискалниот простор за иницирање нов економски циклус што ќе значи повисоки стапки на економски раст – посочува Лазаров.

Неизвесноста и ризиците и понатаму се присутни

Од Народната банка велат дека неизвесноста и ризиците околу изгледите за растот и натаму постојат, и за земјите во развој каде што спроведувањето на имунизацијата се одвива побавно, ризиците се понагласени, во согласност со опасноста од ширењето на нов бран на пандемијата.
И од Светската банка посочија дека во сиромашните економии, ефектите од пандемијата се одразија негативно на напорите за намалување на сиромаштијата и ги влошија несигурноста и другите долгорочни предизвици.
– Растот на македонската економија годинава е проектиран на 3,6 отсто, следната година се предвидува раст од 3,5 отсто, а во 2023 на 3,4 отсто. Според проекциите за 2022 и 2023 година, Македонија ќе има најнизок економски раст во регионот – посочуваат од Светската банка.

Фото: Игор Бансколиев