Фото: Илустрација/Игор Бансколиев

Бизнисмените стравуваат да не се исполитизира економската соработка и дека дневните политики сѐ повеќе ги загрозуваат и нагризуваат заемните економско-трговски односи и соработка, кои во овој момент на здравствено-финансиска криза треба да имаат приоритет

Македонско-бугарските односи изминатиов период беа актуелна тема меѓу политичките чинители во двете држави. Опструкциите на Бугарија за македонските евроинтеграции, полека но сигурно, ја ставаат во заден план економската соработка. Ако економијата некогаш важеше за двигател на односите, на сметка на политиката, сега работите се сосема спротивни. Сѐ погласно негодуваат и стопанствениците од двете земји, кои реагираат дека се чувствуваат запоставено и двете влади не посветуваат внимание на потребите за унапредување на економските односи, туку фокусот е на политиката и на историјата.
Претседателот на Македонско-бугарската стопанска комора, Кирил Лазаров, вели дека стравуваат работата со економијата да не влезе во истиот политикантски вител.
– Политичките односи на Македонија и Бугарија не ги следат реалните економски односи, економијата има многу голем потенцијал и политиката треба „да се качи на грбот на економијата“ и да гледа што му е потребно и што бара стопанството и така да се однесува – истакна Лазаров.

Тој додава дека уште од пред две години почна да се интензивира трговската размена помеѓу Бугарија и Македонија и дека се гледа тоа и во статистиките. Во 2015 година трговската размена била околу 350 милиони евра, а сега е достигната речиси до 700 милиони евра, но напоменува дека тоа не е задоволувачки.
– Политичарите прават на некој начин бизнисите од двете страни да бидат несигурни поради нивните изјави и несогласувања, пред сѐ од бугарската страна што се насочени спрема нас. Тие односи на топло-ладно го попречуваат реалниот потенцијал што постои меѓу двете држави – смета Лазаров.
Како што вели тој, податоците за трговската размена до август имаат пад од 10 отсто во споредба со минатата година истиот период, земајќи предвид дека падот со другите земји ни е по 30-40 отсто, тоа значи дека навистина Македонија има сериозен потенцијал во остварување бизнис со Бугарија.
– Ќе напоменам дека големи бугарски компании во наредниот период ќе тендерираат на сите големи енергетски проекти во Македонија, како хидроцентралата „Чебрен“, „Осломеј“, но дали ќе ги добијат, тоа е веќе сосема друго, сепак има голем интерес од страна на бугарските фирми. Според мене, треба малку да се смират страстите во Бугарија, за да можеме ние како бизнисмени да гледаме само на стопанството, а не да се плашиме што ќе се случува во наредниот период – истакна Лазаров.

Во однос на нашите компании во Бугарија, споменува претседателот, како на пример „Алкалоид“, „Витаминка“ и уште неколку други големи компании, досега не наишле на пречки поради политичката состојба.
– Најнов инвеститор во моментов таму е „КАМ-маркет“, веќе десетина маркети има отворено во Бугарија и има многу добар одзив од бугарските граѓани, бидејќи производите што ги нуди овој маркет, првпат ги гледаат таму. И пред сѐ се домашни македонски производи, што е целта и на нашата држава, да пласираме наши производи во странство. Засега нема проблеми со тие компании, имаат добар обрт, многу повеќе од очекуваниот и поради пандемијата и поради политичката тензија. Во моментов немаме политички пречки меѓу бизнисите од двете земји, меѓутоа стравуваме од изјавите на политичарите од двете страни и од неизвесноста што би се случувало понатаму – објаснува Лазаров.
Според него, не очекуваат ниту дека во иднина ќе има некаков позначаен застој околу бизнисите, бидејќи оваа политичка состојба не е од сега, намалувањето на трговската размена од 10 отсто е и од пандемијата и од политиката.
– Сметам дека веќе од декември, кога ќе почнат договори, по тоа експоненцијално ќе расте трговската размена и многу брзо ќе стигне една милијарда евра, со оглед на тоа што ќе се поврземе со гасна интерконекција, бидејќи само таа трговска размена ќе импутира 400 милиони евра во однос на природен гас – појаснува Лазаров.

Како што вели тој, во целава ситуација охрабрува што во последниве години евидентно се инвестира во инфраструктурата и експресно и железничко поврзување со Бугарија. И ова поврзување значи и стратегиски многу брзо да се поврзуваме со Црно Море, но и со Турција и Русија.
– Тоа значи за нас многу капитал и движење, но и енергетско поврзување на регионот со постојните гасоводи и нафтоводи со Бугарија, ресурси што ќе пратат сигнали кон сериозни играчи во бизнисот низ светот – смета Лазаров.