Фото: Маја Јаневска-Илиева

Економските аналитичари потенцираат дека е значајно во следниот период секоја земја да креира политики зависно од специфичните услови и карактеристиките на економијата, ако треба и да се направат рапидни промени во економските политики, за „економскиот замаец“ да се раздвижи подинамично, а и да се спречи поголема изложеност на нови ризици. Ќе треба да се креираат мерки со кои ќе им се помогне на компаниите што се на удар за да можат да ја премостат кризата и да не затворат. Уште повеќе, треба детално да се согледа состојбата заедно со коморите и да се најдат мерки што ќе ги спасат фирмите, а со нови рапидни економски политики ќе придонесат за брз двоцифрен економски раст

Очајно ни е потребен рапиден растеж за фаќање приклучок со европските економии

Неизвесноста и стравот од нови бранови на коронавирусот и понатаму се присутни и се закана за растот и развојот на економијата, иако, како што напоменуваат некои универзитетски професори, условите за водење бизнис се олеснети. Загриженоста кај инвеститорите од новите соеви, дополнета со недостиг и раст на цените на репроматеријалите, поскапувањето на контејнерскиот превоз, но и растот на цените на енергентите, создаваат несигурност кај инвеститорите и можат да бидат кочница за економскиот раст, укажуваат и аналитичарите на ММФ. Потенцираат дека е значајно во следниот период секоја земја да креира политики зависно од специфичните услови и карактеристиките на економијата, ако треба и да се направат рапидни промени во економските политики, за „економскиот замаец“ да се раздвижи подинамично, а и да се спречи поголема изложеност на нови ризици.

Инфлацијата кај нас била увозна?

Домашните експерти објаснуваат дека нашата економија покажува знаци на излегување од кризата, но поради поврзаноста со европската економија е подложна на внесување на ризиците што се појавуваат таму.
– Нашата економија сама по себе веќе покажува знаци на излегување од кризата. Доколку не се повтори нов бран на ширење на инфекцијата, економијата ќе расте. Но фактот што нашата земја е многу поврзана со европските економии, со германската особено, нѐ прави подложни на прелевање на тамошните тенденции. За мала економија како нашата, поврзаноста со големите економии е и предност и мана, бидејќи се пренесуваат и позитивните и негативните тенденции од економијата. Факт е дека инфлацијата што се појави и кај нас е увозна инфлација. Инфлацијата како раст на цените на мало не се појави поради зголемена побарувачка и ценовен притисок поради празни рафтови, туку поради поскапувањето на репроматеријалите што производителите мораат да ги вкалкулираат во крајната цена – објаснува универзитетскиот професор Ванчо Узунов. Тој дополнува дека со поскапувањето на репроматеријалите, како градежните материјали, маслото за јадење, но и струјата во европските земји, истото тоа се пренесува и кај нас, истакнувајќи дека доколку поскапуваат становите нема да дојде до инфлација и во нашата земја.
– Потребно ќе биде државата да применува добра макроекономска политика за да се спречи понатамошен раст на инфлацијата. Ќе треба да се креираат мерки со кои ќе им се помогне на компаниите што се на удар за да можат да ја премостат кризата и да не затворат. Сметам дека нема потреба од замрзнување на цените, туку треба детално да се согледа состојбата заедно со коморите и да се најдат мерки што ќе ги спасат фирмите. Но, сепак, е јасно дека тоа не можат да бидат мерки како ковид-мерките со директна поддршка на платите. Прогнозите се дека инфлацијата нема да продолжи да расте бидејќи е увозна – дополнува Узунов.

Оптимизмот беше поттикнувач во првата половина на годината, но неизвесноста се зголемува во втората половина

Анализа изработена од Тобиас Адриан, финансиски советник и директор на Одделот за монетарни и пазари на капитал на ММФ, посочува дека оптимизмот ги поттикна пазарите во првата половина од годината, но неизвесноста е присутна и креаторите на политики ќе треба да бидат внимателни.
– Поддршката на економијата во 2020 и 2021 година помогна да се ограничи економската контракција што започна со пандемијата. Во многу економии финансиските услови се олеснија, но чувството на оптимизам што ги поттикна пазарите во првата половина од годината е под ризик да исчезне. Инвеститорите се загрижени поради неизвесноста на закрепнувањето. Нерамниот пристап до вакцини, заедно со мутациите на вирусот доведоа до повторни инфекции, поттикнувајќи загриженост. Инфлацијата е над очекувањата во многу земји, а новите несигурности, како растот на цените на суровините ги ставија пазарите во состојба на готовност – укажува Адриан во анализата.
Меѓу другото, се потенцира дека државите ќе мора да бидат внимателни поради новите ризици што се појавија, меѓу кои растот на цените на криптосредствата, но и ризиците што се наметнуваат со растот на цените на енергентите.
– Креаторите на политики ќе треба да направат планови што ќе спречат несакани последици. Поддршката на монетарната и фискалната политика треба да биде приспособена на специфичните околности за земјата, со оглед на различното темпо на закрепнување низ земјите. Централните банки да дадат јасни упатства за нивниот иден пристап кон монетарната политика, со цел да избегнат нагло заострување на финансиските услови. Монетарните власти треба да останат будни и ако ценовните притисоци се покажат како поупорни отколку што се очекуваше, треба да дејствуваат решително за да избегнат понатамошен раст на инфлацијата – пишува во анализата.

Цените на енергентите, цените на храната… производството на енергентите, производството на храна…

Професорот Узунов укажува дека иако цените на енергентите во Европа се во нагорна линија, кај нас домаќинствата засега не се на удар и се бараат начини поскапувањето на електричната енергија да не се пренесе во земјава. Според него, овој бран на скапи енергенти ќе се стабилизира, но посочува дека цената на храната и понатаму ќе има нагорни тенденции.
– Ние сме увозници на струја, но се бараат начини како да се ублажи тоа. Ако успееме да ја зачуваме сегашната цена на струјата до Нова година ќе биде добро, граѓаните нема да почувствуваат дополнителен раст на трошоците. Од друга страна, мора да сме свесни дека цените на храната нема да бидат ниски во иднина. Тие постојано растат и ќе растат, бидејќи на светот му треба храна. Во овој сегмент можеме многу да понудиме, а не го правиме тоа. Потребни ни се сериозни промени во политиките за да почнеме да произведуваме повеќе храна и да извезуваме. Имаме солидна предност што треба да ја искористиме и наместо да јадеме увозни земјоделски производи, да јадеме домашни. За жал, со децении имаме погрешна земјоделска политика, која е повеќе социјална отколку поттикнувачка земјоделска политика и тука треба да се променат работите бидејќи на светот му треба храна, а ние имаме предуслови и треба да ја произведуваме, па со тоа производство, со извоз на храна може да расте и нашата економија – потенцира Узунов.